Еден ден по инагурацијта на претседателот Трамп, во Давос започна светскиот економски форум. Први говорници беа потпретседателот на Кина, германскиот канцелар и претседателот на Украина. Со оглед на односот на Трамп кон Европската Унија, посебно кон Германија, сите очи и уши беа насочени кон канцеларот Шолц. Бадијала! Во својот говор, тој само со три реченици се осврна кон новата американска администрација. Со воздржан тон повика на важноста на зачувување на „ладни глави“ и додаде: „…Соединетите држави се наш најблизок сојузник надвор од Европа. И јас ќе сторам се што е во моја моќ тоа да остане така. Мојот прв разговор со претседателот Трамп, како и контактите помеѓу нашите советници, упатуваат во таа насока…“.
Не пропушти да додаде дека соработката помеѓу Европа и Соединетите Дражави е клучна за мирот и безбедноста во светот, исто како и за економскиот прогрес.
За воља на вистината, тој не можеше повеќе да каже. На 23 февруари Германија оди на вонредни парламентарни избори. Избори, кои во суштина нема да сменат нешто многу. Конзервативните христијан-демократи ќе победат, но нема да можат самостојно да формираат влада. Крајната десница ќе биде втора политичка сила, по бројот на пратеници, но со неа никој не сака да формира влада. Социјал-демократите на канцеларот Шолц, ќе го претрпат еден од најголемите порази, но ќе останат трета политичка сила. Партијата на зелените ќе остане четврта, додека крајната левица и левите националисти сеуште се на ивица за влез во парламентот. Се чини, Германија се враќа на периодот на големата коалиција помеѓу демо-христијаните и социјал-демократите. Можна е и коалиција помеѓу демохристијаните и зелените, но таа ќе има помало мнозинство. Генерално гледано, ова може да биде добра вест за Германија, но за жал работите се далеку од добри.
Концентрацијата на гласови, по изборни места покажува целосно поделено општество. Демо-христијаните, социјал-демократите и зелените најмногу гласови ќе добијат во западниот дел од државата. Крајната десница во источниот дел. Грубо пресметано, од 84 милиони Германци, 12 милиони живеат во региони каде ќе победи крајната десница. Тие својот глас ќе го дадат за партија, која според нејзината изборна програма, повикува на напуштање на еврото и формирање на алијанса на европски нации. Истовремено, таа се залага за затварање на границите и масовна „реимиграција“. Нешто слично што сака да го стори американскиот претседател Трамп. Истовремено, таа го дефинира семејството како заедница на маж, жена и деца. Не ја осудува агресијата на Русија врз Украина, бара обновување на увозот на руски гас, но и напуштање на зелената агенда. Целосно е против вакцинацијата на децата.
Демо-христијаните, социјал-демократите и зелените, остануваат на своите про-европски позиции. Тие, во своите програми акцентот го ставаат на економскиот развој, преку структурни реформи, но и на зајакнување на безбедносниот и одбрамбениот аспект на Европската Унија. На прв поглед се чини дека немаат храброст за предлагање на радикални решенија. Нешто што во моментов Германија најмногу го побарува. Германската економија веќе пета година стагнира. Причината е едноставна. Застарениот економски модел кој почиваше на ефтина руска енергија и лесен пристап до увозните пазари, пред се кинескиот, веќе не фунционираат. Германската економија растеше со брзо темпо, но германската индустрија не инвестираше во иновативни технолигии и не ја зголемуваше конкурентноста. Сега таа е таму каде што е. Држава со скоро никаков раст, а со тоа и кочничар на развојот на Европската Унија. Поинаку и не може да биде. Во моментов Германија плаќа три пати поскапа цена на енергијата од САД. Паралелно се соочува со бран на банкрот каков што не видела од 2008 година. Само изминатава година 364 големи компании поднесоа барање за банкрот. Скок за 30% од претходната, 2023 година.
Губењето на кинескиот пазар укажува на многу поголемиот проблем на Германија. Постепеното заостанување во конкурентоста. Во почетокот на 2010 година Германија беше помеѓу петте најконкуренти економии. Сега е помеѓу 20-25-те. Според познавачите, ова најмногу се должи на недоволното инвестирање во образованието, инфраструктурата и дигиталните технологии. На ова треба да се додаде и фактот дека германските приватни компании, заради регулативата, но и високите даноци, одбегнуваа да инвестираат. Според некои процнеки, во моментов јазот во инвестициите изнесува помеѓу 400 и 600 милијарди евра. Отприлика 10%-15% од годишниот БДП. Додатно ограничување преставува т.н. уставна кочница. Германија е единствена држава од земјите на Г-7 во која со устав е забрането задолжувањето. Имено во чл. 109 од уставот јасно е наведено „…буџетот на федерацијата и на државите во принцип ќе се балансира без приходите од кредити…“. Кажано со други зборови државата може да троши толку пари колку што прибира. Се разбира централната влада може да си дозволи исклучок, но само 0,35 отсто од годишниот БДП. Моментната владина криза, која доведе до вонредни избори е резултат на оваа „кочница“. Колаициските партнери не можеа во буџетот да најдат доволно пари за да ги исполант своите предизборни ветувања. Парите отидоа за Украина, но и за одбраната. Германската воена и хуманитарна помош з Украина, до моментов, изнесува над 32 милијарди евра.
Опозицициските демо-христијани, како и социјал-демократите и зелените, и во своите предизоборни кампањи најавуваат дека помошта за Украина ќе продолжи. Не отстапуваат од досегашната политика. Од само на нив јасни мотиви, одбиваат да ја согледаат реалноста. Украина ја губи војната, а тие се меѓу наковалната – САД и чеканот – Кина. Што и да се случи во релациите помеѓу САД и Кина, Германија, како и целата Унија, ќе биде колатерала. Доколку САД воведат царински давачки на кинеските производи, Кина ќе мора да се преориентира. Таа ќе го зголеми извозот кон Европската Унија. Доколку Унијата, а со тоа и Германија, ја следат политиката на САД, тоа ќе значи трговска војна. Војна која ЕУ нема да може да ја добие. Доколку пак САД воведат царински давачки и кон Европската Унија, тогаш, само германската економија ќе ги зголеми трошоците за околу 30-40 милијарди евра годишно. И сите овие сценарија да не се остварат, и се’ да продолжи по старо, Германија, нема да може да најде доволно средства за неопходните структурни реформи. Едноставно, таа во следниве десетина години нема да може да го надокнади изгубеното време. Ако кон ова се додадат и еветуалните исполнувања на ветувањата за зголемена подршка на одбраната, тогаш и едно десетлетие ќе и’ биде малку.
Горе-долу, работите не се посветли и во областа на германската надворешна политика. Германија е една од ретките големи сили која нема конзистентна надворешна политика. Еден ден по руската инвазија на Украина, германската министерка за надворешни работи изјави: „…ние денес се разбудивме во друг свет…“. За жал вистината е сурова. Германците не се разбудија во друг свет. Германците живееа во друг свет. Живееа во свет, кој за нив беше идеален. Русија и Кина им го обезбедуваа стандардот, а САД се грижеше за нивната безбедност. Дополнително, нивната позиција како најголема сила во Европската Унија им овозможуваше да „манипулира“ со нејзиниот надворешно-политички и безбедносен сервис. Секој надворешно-политички предизвик или интерес го дигаше на степен на европски. За разлика од канцеларот Шолц, францускиот претседател, однапред препозна дека светот се менува. Тој излезе со серија на предлози за зајакнување на себеодржливоста на Унијата. Германија тоа го одби. Француско-германската локомотива почна да „трокира“. Германскиот канцелар излезе на светската сцена со нова германска надворешно-политичка стратгеија „Global Zeitenwende“ (точка на свртување). Во неа немаше концепт, за жал. Само празни зборови. Потпишувањето на договорот за слободна трговија помеѓу Европската Унија со Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, дополнително ги затегна однсите помеѓу Париз и Берлин. Франција за да го заштити својот земјоделски сектор, оштро се спротивстави на овој договор. Германија, за да обезбеди пазар за својата автомобилска индустрија, јавно лобираше за него.
За воља на вистината, требе да се признае руско-украинската војна, беше и е точка на свртување за Германија и ментално и материјално. Германската нација ментално прифати војна на европскиот континет, а германската влада започна да испорачува оружје во зона на воени дејствија. Нешто незамисливо до пред 10 години. Исто како и заложбата за зголемување на воениот буџет со цел да се достигне НАТО критериумот од 2%. Сепак, овие промени се далеку од доволни. Германската надворешна политика сеуште не може да биде поставена на цврсти основи. Историското наследство на Германија, колку и да изгледа нелогично, е голема пречка во оваа насока. Израелско-палестинскиот судир, тоа најдобро го покажа. Германија, за разлика од останатите големи сили, не успеа да испорача јасна надворешно политичка одлука. Неколкуте посети на министерката за надворешни работи на Блискиот и Средниот Исток, беа целосно неуспешни. Одлуката на владата да и’ испорача на Украина тенкови „леопард“ од страна на Русија беше дочекано со изјавата: „и тие тенкови ќе горат како што гореа нивните тенкови за време на Втората светска војна“. Обидите на канцеларот Шолц да ги елиминира овие алузии, беа залудни. За да биде траги-комедијата поголема, Германија заедно со Руанда беа предлагачи на резолуцијата на Генералното собрание на ООН за прогласување на убиството на муслиманите во Сребреница за геноцид. Нешто на што Србија остро се спротивстави. На канцеларот Шолц ова не му беше важно, но по неполна година допатува во Белград, за да се обиде да стави рака на литиумските резерви на Србија. Сите прифаќаат дека зад надворешната политика стојат интереси. Но сепак, во битката, тие интереси треба да се прикријат со одредени принципи. Колку и да звучат нелогично. Германија тоа го прави многу трапаво. Не случајно, грчката левица, додека беше на власт, во еден момент ја обвини дека води политика слична на политиката од Втората светска војна. Свесна за својата улога во рамките на Европската Унија, таа смета дека се и’ е дозволено и дека никој од европскиот континент не смее да и’ се спротивстави. Ова е делумно точно! Како резултат на ваквата нејзина надворешна политика, но и на внатрешната економска криза, моментно, најголем противник на германската политичка елита е нејзината внатрешна опозиција, поддржана од кабинетот на претседателот Трамп.
Како и секоја мала и економски немоќна држава, така и Македонија има одлични односи со Германија. Тоа така требе и да остане! Германија е нашиот најголем надворешно-трговски партнер. Секое кивање на Берлин предизвикува покачување на температура во Скопје. Стагнацијата на германската економија јасно се одразува на растот на македонскиот БДП. На ова требе да се додаде и општо познатиот факт дека нашите евро-интеграции во голема мерка зависат од Берлин. Берлин не треба да се лути, но треба да се избегнува. Постепено! Искажаната определба на владата во Скопје за зајакнување на контактите со останатите светски центри на моќта, требе да ja вклучи и Варшава. Полската економија напредува многу побрзо од германската. За македонски услови таа е голем пазар. Полската гео-политичка позиција, заради војната во Украина, е исклучително зајакната. Таа, природно, во догледно време ќе побара да ја завземе улогата на Велика Британија во рамките на Унијата. Проширувањето и продлабочувањето на економските и политичките врски со неа ќе го олабави германскиот притисок. Последно, но не помалку важно. Полска за разлика од Германија има целосно поинакво историско наследство на Балканот. Нешто што треба да се искористи.
Автор: Јован Донев за НетПрес