![Ursula fon der Lajen](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/07/Ursula-fon-der-Lajen.jpg?resize=639%2C426&ssl=1)
Урсула фон дер Лајен е нов претседател на Европската комисија. Европскиот парламент со тесно мнозинство ја избра германската министерка за одбрана за претседател. За нејзината номинација гласаа 383 пратеници наспроти 327 кои беа против. Фон Дер Лајен ќе биде првата жена претседател на комисијата и ќе ја преземе должноста од Жан Клод Јункер на 1 ноември.
„Врз основа на овие гласови, кандидатот за претседател на Комисијата предложен од Советот е изгласан од Европскиот парламент и би сакал да и честитам на г-ѓа Урсула Фон Дер Лајен за нејзиниот избор“, изјави претседателот на ЕП Давид Сасоли соопштувајќи ги резултатите од гласањето.
Пред гласањето Фон Дер Лејен ги посочи климатските промени како најголем предизвик со кој се соочува Европа и светот и најави сеопфатен инвестициски план за чија цел таа ќе предложи и пренамена на дел од Европската инвестициска банка во климатска банка. Покрај тоа рече и дека ќе настојува унијата да игра поголема улога во социјалната благосостојба на Европејците борејќи се против сиромаштијата, но исто така посочи и дека ќе ги застапува правата на жените.
„Мислам дека сега имаме добра појдовна точка, во Парламентот, во следната Комисија, со Советот. Сакам да ја одведам Европа, во следните пет години, до поеколошка Европа, поеколошки континент, Европа која им служи на луѓето, економски силна и дигитална Европа и Европа која се заснова на владеењето на правото со живописна демократија“, порача Фон Дер Лајен по изборот.
Еден ден пред да ја преземе должноста од Јункер и да се зафати со своите амбициозни планови, Фон Дер Лајен ќе дознае дали на својата агенда ќе треба да го додаде и најжешкото европско прашање во моментов. 31 октомври е последниот рок до кога Обединетото Кралство треба да ја напушти унијата. Новата претседателка на комисјата претходно најави дека би се согласила на ново одложување доколку Лондон има потреба од такво. Двајцата претенденти за наследник на Тереза Меј меѓутоа отворено посочуваат дека немаат намера да побараат ново одложување на Брегзит.