Германска крајно десничарска група сака да основа нова политичка партија, протести против десницата ширум земјата

Германската крајно есничарска конзервативна групација Werteunion (Сојуз на вредности) во саботата соопшти дека одлучила да формира нова политичка партија, што ќе придонесе за фрагментација на досега стабилниот партиски спектар во земјата.

На затворен состанок во градот Ерфурт, членовите на групацијата со големо мнозинство му дале на претседателот Ханс-Георг Маасен мандат да иницира формирање на „конзервативно-либерална“ партија, се вели во соопштението на групацијата. Маасен е поранешен функционер за домашна безбедност, популарен меѓу антиимигрантските гласачи.

Партијата брзо ќе се основа, за во септември да излезе на покраинските избори во Тирингија, Саксонија и во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија.

Членовит на Werteunion учествувале на неодамнешната конференција со десничарските екстремисти во Потсдам, пишуваат германските медиуми.

Со појавата на нови партии, на германската политичка сцена ѝ се заканува дополнителна фрагментација по основањето на Алтернатива за Германија (AfD) пред 11 години, која ги зеде гласовите од традиционално популарните партии како социјалдемократите SPD и демохристијаните CDU, и веќе стана втората според рејтингот партија во земјата.

Покрај тоа Сахра Вагенкнехт, поранешен лидер на партијата Левица, ја основа својата партија на почетокот на јануари.

Истовремено во саботата повеќе од 100.000 луѓе излега ширум Германија на протести против евроскептичната и противдоселеничка AfD, откако против оваа партија се покрена силна хајка под обвинение дека нејзини челнови учествувале на состанокот на кој се зборувало за наводни масовни депортации на доселениците. АfD во меѓувреме го исклучи од членството помошникот на потпретседателката на партијата Алис Вајдел, Роланд Хартвиг, кој присуствувал на состанокот.

На контроверзната средба на крајот на ноември во Потсдам, покрај неофицијални претставници на AfD, учествувале и политичари од конзервативното крило на опозициската Христијанско-демократска унија (CDU). На таа средба претставници на екстремната десница предложиле планови за т.н „ремиграција“, односно протерување на сите странци од Германија, вклучително и оние кои имаат германско државјанство и не се „асимилирани“, односно интергрирани во германското општество.

На состанокот се разговарало и за тоа како да се отстранат странските влијанија како рестораните кои нудат негерманска храна од знаменитостите на германските градови. Медиумите оваа средба ја нарекуваат и „Втора конференција на Ванзе“, алудирајќи на историскиот состанок од 1942 година, на кој врвот на националсоцијалистичкиот режим донесе одлука за геноцид врз европските Евреи.

Околу 35.000 луѓе се приклучиле на повикот на екстремно левичарските здруженија и мали партии под слоганот „Обрани ја демократијата – Франкфурт против AfD“, марширајќи во финансискиот центар на Германија. Сличен број, некои носеа натписи како „Нацистите надвор“, се појавил во северниот град Хановер. Протести се одржани и во други градови, вклучувајќи ги Брауншвајг, Ерфурт и Касел и многу помали градови, отсликувајќи ја мобилизацијата секој ден во текот на изминатата недела. Севкупно, од петокот се одржани демонстрации на околу 100 локации низ Германија, вклучително и во Берлин закажани за утре.

Не само политичарите, туку и црквите и тренери од Бундеслигата ги повикаа луѓето да застанат против AfD, продолжувајќи го нападот врз оваа партија во кој се вклучени и безбедносните структури на германската држава. Бранот на мобилизација против екстремно десничарската партија беше поттикнат од извештајот на 10-ти јануари на наводниот истражувачки медиум Corektiv, кој објави дека членови на AfD разговарале на состанок за протерување на имигрантите и „неасимилираните граѓани“.

Во вторник, Бундестагот најави парламентарна расправа за наводното учество на Алтернатива за Германија (AfD) на состанокот на кој било планирано протерување на странците од Германија, додека раста барањата за забрана на оваа партија, која во меѓувреме ужива поддршка од речиси четвртина од гласачите.