На Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ денеска е пуштен во употреба нов лабораториски фрижидер за презервација на коски и коскени ткива. Фрижидерот чија вредност е 414.156 денари е добиен преку програмата Мали Проекти на Амбасадата на Германија и ќе биде дел од Банката за коскени ткива на Одделот за трансплантација на Клиниката за ортопедија.
– Оваа донација е особено важна за нас поради тоа што годинава првпат се направи експлантација на коскени ткива од починат донор и благодарение на тоа на млада пациентка со карцином, дел од малигното ткиво и коска и беше заменето со здраво ткиво и коска од починатиот донор. Покрај трансплантацијата на бубрези кои со години се работат, минатата година започнавме со трансплантација на срце, а годинава првпат се експлантираа и коски и коскени ткива. Трансплантациите за овие групи на болни се единствена шанса за живот и за значајно подобрување на квалитетот на живот. Мило ми е што Германската амбасада и амбасадорката Холштајн ја препознаваат нашата заложба за постојано подобрување на здравствениот систем и се наши парнери во неколку значајни проекти – изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Како што соопшти Министерството за здравство, од почетокот на пандемијата со вирусот на Ковид 19 досега Германската амбасада преку проекти и директни донации има донирано 1.450.00,00 евра.