Германската централна банка очекува благ пад на економијата во третиот квартал

Ситуацијата во германската економија ќе се влоши во наредните месеци, предвидува германската централна банка Bundesbank, наведувајќи ги воздржаните потрошувачки трошоци и слабото индустриско производство како главни проблеми.

„Германската економска активност веројатно малку ќе се намали во третиот квартал на 2023 година“, се вели во месечниот извештај објавен во понеделникот на Bundesbank.

Закрепнувањето на потрошувачките трошоци на граѓаните веројатно ќе биде одложено со оглед на постојано високата инфлација, објави централната банка.

„Тешко е да се очекуваат забележителни позитивни импулси од личната потрошувачка. И покрај нешто послабиот раст на цените, силниот раст на платите и добрата состојба на пазарот на трудот, домаќинствата сѐ уште се воздржани во трошењето“, се вели во извештајот.

Во август, годишната стапка на инфлација во Германија била 6,1 отсто и била само малку пониска отколку во јули. Хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), кој се користи за споредба со другите земји од ЕУ, покажал пораст на цените за 6,4 отсто во однос на истиот месец лани.

Во Bundesbank очекуваат и вкупниот HIPC и базичната инфлација, која ги исклучува флуктуирачките цени на енергијата и храната, да пошуштат и во наредните месеци.

„Сепак, во услови на силен раст на платите, стапката на инфлација веројатно ќе остане далеку над два отсто на среден рок“, се наведува во месечниот извештај.

Во извештајот на Bundesbank се забележува дека значително повисоките цени на енергијата и суровините ѝ предизвикуваат проблеми на германската индустрија, чијашто слабост, покрај воздржаноста на потрошувачите, ги намалува економските резултати.

„Слабиот прилив на нарачки и нивниот понатамошен пад, како и намалениот заостаток на нарачки, се повеќе се рефлектираат во индустриското производство“, заклучуваат во Bundesbank.