Германската економија сѐ уште не е на патот кон закрепнување, а како што објави во вторникот Сојузниот завод за статистика во Визбаден, бруто домашниот производ (БДП) е намален за 0,1 отсто во вториот квартал од оваа година.
Причините за негативен економски раст треба да се бараат во намалениот обем на инвестиции, особено во градежниот сектор“, се вели во соопштението на Федералниот завод за статистика.
Како дополнителни причини за недостигот од раст на германската економија, економистите ја наведуваат и слабоста на Кина, која досега се грижеше за глобалниот раст, додека во самата Германија се бележи зголемен број компании кои поднесуваат барање за стечај.
Во првиот квартал од годинава, во однос на претходниот квартал, економијата забележа благ раст (0,2 отсто).
Економистите со разочарување ја дочекаа новата статистика.
„Неочекуваниот пад на БДП уште еднаш покажува дека не може да стане збор за сериозно закрепнување на германската економија“, изјави за агенцијата dpa Јоерг Кремер, главен економист на „Commerzbank“.
За тековната година германската влада очекува благ раст од 0,3 отсто.
И показателот за расположението на германските претприемачи, кој редовно го спроведува институтот Ifo, покажува негативен тренд.
„Расположението на германските бизнисмени е негативно трет пат по ред. Германската економија е длабоко заглавена во криза“, вели директорот на Институтот Ifo, Клеменс Фуест.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и годинава предвидува намален економски раст на Германија од 0,2 отсто, што е најслаба вредност во споредба со другите земји од групата Г7.