Германската економија во третиот квартал поблиску до стагнација

Германската економија беше многу блиску до стагнација во третиот квартал, објави во петокот заводот за статистика Destatis, намалувајќи ја прелиминарната проценка за раст на половина.

Во трите месеца кои завршуваат во септември, економијата пораснала за скудни 0,1 отсто, што е половина помалку од она што го покажа првата проценка на Destatis. Во претходните три месецa активноста беше намалена за 0,3 отсто во однос на почетокот на годината.

Најголемата европска економија на тој начин за малку избегна техничка рецесија, која се дефинира како два последователни квартала на пад на активноста.

Растот во третиот квартал беше поддржан од зголемената лична потрошувачка, благодарение на повисоките плати и државните трошоци.

Централната банка деновиве оцени дека сегашната послаба фаза во економијата веројатно ќе продолжи и во четвртиот квартал, а како неповолни фактори ги издвојува забавувањето на кинеската економија и бранот корпоративни банкротства во Германија.

Дополнителна тежина е слабата прогноза за извозот на индустријата, со оглед на високите цени на енергенсите кои ѝ штетат на конкурентноста.

Клучните германски сектори се во криза, вклучувајќи ја хемиската и автомобилската индустрија. Производителот на автомобили „Ford“ планира да укине 2.900 работни места во Германија, а добавувачот на делови „Bosch“ планира да укине 5.500 работни места.

Германската влада прогнозира дека економијата оваа година повторно ќе се намали, за 0,2 отсто. Во 2025 година, според прогнозите, активноста треба да порасне за 1,1 отсто, проценува владата, со многу поизразен оптимизам од консултантите кои предвидуваат раст од 0,4 отсто.