Германската хемиска индустрија го гаси производството поради високите цени на енергијата

Германските произведувачи на хемикалии и лекови поради високите цени на енергијата го намалува производството и многу од нив можеби ќе бидат присилени да стават катанци, предупреди нивното здружение VCI и вели дека предложените мерки на Европската комисија само ги лекуваат симптомите, но не и причините за проблемот.

„Хемиско-фармацевтската индустрија многу јасно во второто тримесечје ги почувствувала последиците од војната во Украина: астрономските цени на енергијата, силно зголемените трошоци за суровините и континуираните проблеми во снабдувањето. Производството се урна во сите делови од секторот“, предупредуваат од VCI во соопштението во средата.

Падот во секторот годинава го проценуваат на 5,5 отсто. Само во хемискиот сектор производството веројатно ќе биде помало за дури 8,5 отсто, се предупредува.

„Намалувањето на производството е првиот чекор. Доколку одредени процеси би морало потполно да згаснат, можеби никогаш повеќе нема да бидат покренати. Огромните предизвици ја доведуваат во сериозна опасност конкурентноста на нашите претпријатија, а со тоа и иднината на Германија како индустриски центар“, предупредува претседателот на VCI, Кристијан Кулман.

 

Страв од зимата

Со повеќе од 473.000 вработени, хемиската и фармацевтската индустрија особено тешко се погодени од енергетската криза, којашто во Германија е фокусирана на недостигот од рускиот гас.
Според VCI, хемискиот и фармацевтскиот сектор се најголемите потрошувачи на гасот во Германија, со учество во потрошувачката од 15 отсто. Гасот го користат како погонско гориво и како суровина за натамошна преработка,, на пример во производството на пластика, лекови и вештачки ѓубрива.

Во вториот годинешен квартал производството во хемиската и фармацевтската индустрија паднало за 6,4 отсто во однос на претходното тримесечје. Прометот, пак, пораснал за 3,4 отсто, на вкупно 64,9 милијарди евра, благодарејќи на силниот раст на цените.

Добивката, пак, во многу компании од секторот е намалена, бидејќи сѐ потешко им е да ги префрлаат високите трошоци за енергијата и суровините врз клиентите, појаснуваат од VCI, предупредувајќи на можната рационализација на потрошувачката на гасот зимава.

 

Се лекуваат симптомите

Во одвоено соопштение од VCI го критикуваат пакетот мерки за зауздување на цените на енергијата, коишто денеска претходно ги претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Комисијата предлага да бидат ограничени приходите на компаниите коишто струјата ја произведуваат со ниски трошоци. Разликата меѓу лимитот и приходите остварени на пазарот, би требало да одат во владите коишто парите би ги користеле за ублажување на товарот од високите сметки на граѓаните и компаниите.

„Нашиот предлог би им осигурил на земјите-членки повеќе од 140 милијарди евра за директно ублажување на ударот“, изјави претходно во средата фон дер Лејен.

Здружението на германските хемиски и фармацевтски компании (VCI), пак, смета дека пакетот на ЕК не помага во решавањето на клучните проблеми.

„Трошоците за енергијата експлодираа, се заканува губење на важните производствени процеси. Со плановите за распределба (на приходите), (пакетот) се обидува да ги реши симптомите, а би требало да се занимаваме со причините. Имаме премалку ценовно поволна струја. За тоа да се промени, на мрежа сега мора да оди сѐ што е достапно на кус рок. Плановите на Европа ќе ги преплашат а не мотивираат добавувачите на струјата“, предупредуваат од VCI.