Германската индустрија е убедливо најпесимистичката во однос на прогнозите за конкурентност во групата од четирите водечки економии на еврозоната, покажува студијата на економскиот институт Ifo.
Конкурентноста на германската индустрија севлошила најмногу од почетокот на истражувањето во 1994 година, изјави експертот на Ifo, Штефан Зауер.
Истражувањето се заснова на оценките на околу 2.000 индустриски компании.
И француските и шпанските индустриски компании се претежно песимисти во нивните прогнози за конкурентност, но значително поблаги од просекот во ЕУ и во еврозоната, а Германија е убедливо најпесимистичка, покажуваат резултатите.
Во италијанската индустрија, оптимистите имаат маргинална предност.
Во Германија многу негативна оценка е забележана во сите индустриски сектори, пред сѐ, во извозниот сектор.
Економистите посочуваат дека развојот на состојбите во енергетски интензивните индустриски сектори е особено впечатлив.
„Анализата јасно покажува дека предноста на германската индустрија на меѓународните пазари се топи“, рече Зауер.
Покрај повисоките цени на енергијата во Германија, компаниите меѓу главните причини за длабокиот песимизам ја издвојуваат бирократијата и поскапите прелиминарни производи и даноци.
Германското индустриско производство е намалено за 12 отсто од 2018 година, побарувачката останува слаба, искористеноста на капацитетите континуирано се намалува, а инвестициите се намалени во последните четири квартали.
Централната банка деновиве предупреди дека германската економија ќе ослабне и во четвртиот квартал, отфрлајќи ги оптимистичките шпекулации дека растот би можел да забрза кон крајот на годината.
Иако прелиминарните податоци покажаа дека германскиот бруто домашен производ (БДП) неочекувано се зголемил за 0,2 отсто во трите месеци што завршуваат во септември, Bundesbank смета дека нема многу докази дека ситуацијата е суштински подобрена, односно дека трендот сега покажува раст .
„Падот на активноста во германската економија најверојатно ќе продолжи и во четвртиот квартал“, предупреди централната банка во ноемврискиот извештај.