Германската економија би требало речиси да стагнира годинава, со прогнозирана стапка на раст од само 0,3 отсто, пресмета индустриското здружение BDI во извештајот објавен во вторникот.
„Германската економија стагнира. Во споредба со повеќето други големи индустриски земји, нашата земја сè повеќе заостанува. Не гледаме шанси за брзо закрепнување оваа година“, изјави претседателот на BDI, Зигфрид Русвурм.
Најголемата европска економија минатата година се намали за 0,3 отсто под влијание на високите цени, зголемените каматни стапки и слабата побарувачка, процени во понеделникот заводот за статистика Destatis.
Предизвиците од 2023 година не исчезнаа, туку се влошија, истакнува Русвурм, па 2024 година ќе биде и тешка за економијата.
Очекуваниот скромен раст треба да произлезе од закрепнувањето на потрошувачката, бидејќи инфлацијата слабее, смета германската индустрија.
Трошка надеж може да донесе промената на каматната политика на централните банки, посочуваат од здружението. Инфлацијата слабее, а со тоа се зголемуваат и шансите за постепено намалување на каматните стапки, објаснува Русвурм, додавајќи дека, сепак, ефектот од промена на насоката на монетарната политика во економијата би се почувствувал дури во пролетта 2025 година.
Според прогнозите на BDI, индустријата најверојатно нема да доживее вистинско закрепнување по стагнацијата во изминатите години. Состојбата е особено тешка во енергетски интензивните сектори поради високите цени на струјата, посочуваат индустријалците.
Производството не го достигна ниtu нивото од пред кризата од последниот квартал на 2019 година, а годинава најверојатно ќе стагнира, изјави првиот човек на BDI.
Трите водечки германски економски институти ги намалија своите прогнози за 2024 година уште во декември. Институтот Ifo сега очекува економски раст од 0,9 отсто, половина процентен поен послаб отколку што претходно предвидуваа, институтот RWI ја намали прогнозата за 0,3 процентни поени, на 0,8 отсто, а институтот DIW ја намали на половина, на 0,6 отсто.