Поради тешкотијата на сообраќајот низ Суецкиот канал и штрајковите на железницата, германската индустрија сѐ повеќе се соочува со недостиг од материјали и суровини, се тврди во соопштувањето во четвртокот економскиот институт Ifo.
„Покрај конфликтот во Црвеното Море, повеќекратните штрајкови на германските железничари придонесоа се повеќе компании да се соочуваат со недостиг на суровини и делови“, соопшти институтот Ifo.
Според истражувањето на овој институт, во февруари 14,6 отсто од компаниите изјавиле дека имаат проблеми со производството поради недостиг од суровини и делови. Во јануари истото го пријавиле 12,5 отсто од компаниите.
Недостигот особено влијае врз хемиската, електронската и автомобилската индустрија. На крајот на јануари, производителот на електрични автомобили Тесла го прекина производството на две недели во фабриката во близина на Берлин поради недостаток на електронски компоненти.
Главниот проблем е отежнатиот сообраќај низ Суецкиот канал поради нападите на милицијата Хути од Јемен врз трговските бродови поврзани со Израел кои минуваат низ теснецот меѓу Арапскиот полуостров и Африка, а по американските и британските ракетирања на цели во Јемен предупредија дека нивни цели ќе бидат и бродовите на овие две земји. Од минатата седмица во овие води има германска фрегата за заштита на бродовите, што практично го прави цел и бродовите кои се поврзани со Германија.
Во исто време, Ifo истакна дека моменталната состојба не може да се спореди со периодот на пандемијата на коронавирус, кога 81 отсто од компаниите го намалија или прекинаа производството поради нарушување на синџирите на снабдување.
„Во моментов, недостигот и намалените испораки не претставуваат основен проблем за индустриското производство“, се вели во соопштението на Германскиот економски институт.