Меркел се надева на отворање на преговорите со Македонија и Албанија во март

Германската канцеларка Ангела Меркел ја потврди по средбата со албанскиот премир Еди Рама во понеделникот во Берлин, поддршката на германската влада за отворање на преговорите за полноправно членство на Европската унија со Албанија и Македонија, најавувајќи дека за тоа ќе се заложи на состанокот на Европскиот совет во март.

„Цел на Германија е постигнување договор за отворање на преговорите на состанокот на врвот на Европскиот совет во март“, изјави канцеларката Ангела Меркел по средбата со албанскиот премиер Еди Рама.

Појасни дека пристапувањето на земјите од западен Балкан на Европската унија не е само во интерес на овие земји, туку на целата Унија.

„Оној кој е запознает со геополитичките односи знае добро дека еден ден и земјите од западен Балкан ќе станат членки на Евопската унија“, истакна Меркел.

Германската канцеларка истакна и дека уште на последниот самит на ЕУ, Берлин се залагал за деблокадата за отворање на преговрорите со Македонија и Албанија. Во октомври предлогот го блокираа Франција, Данска и Холандија, поради барањето, во прв ред на Париз, спроведување „структурни реформи“ кога станува збор за процесот на проширување на ЕУ.

„Ние и натаму интензивно ќе работиме на ова прашање за во март да ги постигнеме посакуваните резултати“, рече Меркел. Истовремено го пофали напредокот на двете земји, особено во областа на реформите на правосудството во Албанија каде „многу нешта се постигнати“.

Отворањето на преговорите би требало да биде и тема на самитот ЕУ – западен Балкан, кој треба да биде одржан на почетокот од мај во Загреб во рамките на хрватското претседавње со Советот на ЕУ.

И Меркел и Рама укажаа и на донаторската конференција во февурари, на која за Албанија треба да бидат осигурани средства за отстранување на штетите од земјотресот ланскиот ноември.

„Албанија самата не е во состојба да го поднесе финансискиот товар кој го бара обновата по земјотресот“, рече Рама.