Германската компанија „Герешајмер“ ќе гради фабрика за медицинска и фармацевтска опрема во слободната економска зона Бунарџик кај Скопје. Со производство се очекува да започне кон крајот на 2020 година. Во производствениот погон се планира да бидат вработени 400 лица.
Вкупната вредност на инвестицијата денеска не беше соопштена, но од менаџментот на компанијата велат дека ќе инвестираат „двоцифрен број“. Изградбата на фабриката ќе започне на средината на годинава.
„Зошто ја избравме Македонија? Предноста е добрата инфраструктура. Достапноста на вешти и добро обучени вработени. Секако и атрактивната структура на трошоци“, рече Дитмар Сиемсен, извршен директор на Герешмајер.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев откри дека ќе се вработуваат инженери, информатичари, електроинженери. Четвртина од бројот вработени во фабриката во Скопје ќе бидат кадри со високо платени места, а останатите ќе бидат со високи технолошки знаења.
„Република Северна Македонија треба да креира работни места коишто ќе бидат високоплатени, а не многу на број. Ние немаме работна рака расположлива на пазарот од високостручниот кадар…“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Во фабриката ќе се произведуваат апликатори, пенкала за инсулин, инхалатори и апарати за мерење шеќер во крвта кои се користат ширум светот. „Герешајмер“ има производствени капацитети во 15 земји во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка.