Германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт обајви во понеделникот дека од канцеларот Олаф Шолц побарала да ја разреши од должноста, што се доживува како кулминација на сѐ посилниот скептицизам во нејзините способности да ја подобри подготвеноста на германската армија во заднината на војната во Украина.
Кристина Ламбрехт беше назначена за германски министер за одбрана на почетокот на декември 2021 година. Таа стана третата последователна жена на оваа позиција по Урсула фон дер Лајнен и Анегрет Крамп-Каренбауер. Доаѓа од партијата SPD на канцеларот Олаф Шолц.
Во Германија во последниот период сѐ повеќе се доведуваше во прашање компетентноста на министерката Ламбрехт кога станува збор за испораките на тешко вооружување на Украина и новото големо вложување од 100 милијарди евра во германската армија, а особено беа критикувани нејзините јавни настапи.
Весникот Bild претходно во петокот, повикувајќи се на свои извори објави дека германската министерка за одбрана Кристина Ланбрехт решила да се повлече од позицијата. Во меѓувреме, од министерството одбиле да коментираат, оценувајќи ги таквите медиумски извештаи како шпекулации.
Во написот на Bild се појаснува дека одлуката за повлекување од водството на германската одбрана била по лична иницијатива на Ламбрехт. Според весникот сѐ уште не е познато кога би била објавена нејзината оставка, бидејќи во моментов се водат разговори за кандидатите за нејзин наследник.
Последните месеци Ламбрехт континуирано беше изложена на жестоки критики, вклучително и од коалиционите партнери Зелените и Либералните демократи. Беше особено критикувана поради нејзиниот предлог за испораки во Украина на опрема за лична одбрана, како на пример заштитни шлемови и панцирни елеци. Скандал околу Ламбрехт изби откако се појавија фотографии со нејзиниот син во хеликоптер на Бундесверот (германската армија) во текот на службено патување на министерката.
Последниот бран критики врз министерката беше инициран од новогодишното видео, во коешто на заднината на празничниот огномет, Ламбрехт ја спомна ситуацијата во Украина, додавајќи во овој контекст дека таа самата добила „многу посебни впечатоци“ и имала „многу средби со интересни луѓе“.
„Целомесечниот медиумски фокус на мене лично не овозможи вистинска јавна расправа за улогата на вооружените сили и германската безбедносна политика. Поради тоа побарав од канцеларот да ме ослободи од должноста министерка за одбрана. Вредниот труд на војниците и многуте мотивирани луѓе мора да биде во прв план“, вели во изјавата Ламбрехт.
Дури 60 отсто од анкетираните Германци се изјасниле дека Ламбрехт треба да поднесе оставка, според анкетата на јавната телевизија ZDF од петокот. Половината од анкетираните избирачи кои ја поддржуваат нејзината Социјалдемократска партија на Германија (SPD), исто така, се изјасниле дека треба да поднесе оставка.