Припадниците на германската федерална полиција во средата утрото извршија рации во неколку сојузни покраини насочени кон криумчари на луѓе, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Главни локации на акциите, кои беа спроведени врз основа на неколку европски налози за апсење и во соработка со властите на Франција и Белгија, биле во западната сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија. Рациите биле спроведени и во три други германски покраини – Хесен, Баварија и Шлезвиг-Холштајн.
Министерството не даде никакви информации за бројот на приведени лица. Сојузната полиција соопшти дека акцијата е спроведена во соработка со Европол и дека приведените лица се криумчари кои се вклучени во префрлање на илегални мигранти преку Ла Манш во Велика Британија.
Во акцијата учествуваа над 700 полицајци. Европол во Хаг најави дека во четврток ќе ги соопшти деталите за операцијата која се одвиваше истовремено во неколку европски земји.