Германија доби дојава неколку часа пред полноќ дека екстремистите од Ирак и Сирија планираат да изведат терористички напади во Минхен, но полицијата сеуште не успала да ги пронајде осомничените ниту пак е сигурна дека истите се наоѓаат во Германија, изјави шефот на полицијата во Минхен Хубертус Андре, пренесува „Танјуг“.
Андре на прес конференцијата изјави дека германските власти примиле „доста конкретна“ дојава за тоа дека се планираат самоубиствени напади на железничката станица во Минхен на полноќ.
Ни ги кажаа имињата. Неможеме да кажеме дали осомничените се во Минхен или во Германија, вели Андре.
Околу 550 припадници на полицијата и понатаму трагаат по осомничените и го обезбедуваат градот.
Како што претходно изјави портпаролот на полицијата во Минхен, безбедносното предупредување и понатаму е на високо ниво затоа што и понатаму постои голема опасност од евентуални терористички напади.
Двете железнички станици, што синоќа беа евакуирани во Минхен, откако германската полиција на Твитер објави дека постојат навестување за планиран терористички напад, денеска повторно се отворени за сообраќај по неколку часа, откако било утврдено дека нема никакви докази за заканата.
Германија добила информација од разузнавачките служби на друга земја дека ИД планира да изведе напад во Минхен со дури седум бомбаши самоубијци. Засега не се наведува од каде се добиени информациите.