Германската роботска индустрија очекува значително послаба година

Приходите на германските производители на роботи оваа година речиси ќе стагнираат поради слабата домашна побарувачка, според проценките на здружението за машинска индустрија VDMA.

Приходите годинава ќе се зголемат за два отсто и веројатно ќе достигнат 16,5 милијарди евра, пресмета VDMA. Во 2023 година скокна за 13 проценти.

„Секторот за роботика и автоматизација стагнира поради слабата домашна побарувачка“, вели шефот на VDMA, Френк Конрад.

„Несигурните клиенти се воздржани во нивните инвестиции“, додава Конрад предупредувајќи дека на германската економија и требаат подобри рамковни услови за повторно да расте активноста.

Производителите на роботи годинава бележат раст само на странските пазари, при што нарачките скокнале во првите четири месеци за 21 отсто во споредба со истиот период лани.

Секторот очекува пожестока конкуренција во иднина поради веројатно зголемената вклученост на кинеските компании во Европа, проценува здружението.

Кина речиси ги достигна Јапонија и Германија во однос на индустриската автоматизација и денес има 392 роботи на 10.000 работници, според податоците на VDMA од Меѓународната асоцијација за роботика (IFR). Германија има 415, а Јапонија 397, забележуваат тие.

Во исто време, Пекинг обезбедува насочена поддршка за домашната индустрија за роботи како дел од петгодишниот план, а кинеските компании истовремено ги прошируваат продажните и маркетинг структурите во Германија и низ ЕУ за да ги ублажат ефектите од кинеско-американските трговски конфликти.

„За да биде поконкурентно, производството во Германија има потреба од сигурна основа за инвестиции и нови импулси“, предупреди првиот човек на VDMA.