Германската ТВ мрежа РТЛ по терористичкиот напад во Париз емитуваше ексклузивна сторија за џихадизмот на Балканот, во која засткриен со марама и во темнина се појави еден од повратниците од боиштата во Сирија кој, како што се виде од снимките, престојува во Македонија, објавува Утрински весник.
Во подолгото интервју за РТЛ, џихадистот, кој самиот се именуваше како Аднан, кажува дека обезглавувал луѓе во име на ИСИС, но сега се вратил назад и се крие во нашата држава.
„Убивме две жени и тројца мажи, при што не смеевме да ги застреламе туку моравме да ги обезглавиме со нож. Ако беше возможно, требаше тоа да го правиме јавно, за да го видат другите“, вели џихадистот во интервјуто, кое беше илустрирано со снимки од Скопје, од строгиот центар на градот и една позната туристичка агенција.
Преставувајќи се себеси тој потврдува дека е роден на Блаканот, но пораснал во Германија каде живеел со семејството се до пред една година, кога заминал на четири месеци во Сирија, па се засолнил кај нас, што не го кажува туку се гледа од снимката и од деталите изнесени во разговорот.
Интервјуто, според РТЛ, е снимено во септември, но делови од него се емитуваа по вторпат заради настаните во Париз. Во него џихадистот повратник објаснува, исто така, дека македонската полиција во почетокот на август упаднала во џамија во Скопје верувајќи дека таа е меѓустаница на европските џихадисти, дека бил уапсен оџата кој бил симпатизер на ИСИС, но не биле уапсени сите радикални муслимани. Според него, уапсениот оџа ги подучувал почетниците кои, како што рекол, тајната служба досега не ги открила. Тоа се илустрира со снимка на една скопска џамија на која е насликан симболот на ИСИС.