Германската влада го договори предлог-буџетот за 2024-та

Германската владејачка трипартитна коалиција, предводена од социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц, го договори предлогот за државниот буџет за 2024 година по еден месец тензични преговори, кои уследија по одлуката на Уставниот суд која ги доведе државните финансии во хаос.

Повикувајќи се на упатени извори, агенцијата Reuters наведува дека договорот за буџетот би можел да ги намали тензиите во поделената коалиција на Шолц – социјалдемократите SPD, Зелените и Слободните демократи (FDP) кои пријателски настроени кон бизнисот.

Исто така, тоа би можело да обезбеди одредена сигурност за бизнисите во најголемата европска економија, откако буџетската криза ја принуди владата да ги замрзне големите ветувања за трошење насочени кон зелени иницијативи и поддршка на индустријата, но останува голема неизвесноста околу финансиските планови на Германија и за наредниот период.

Изворите не навеле детали за договорот. Шолц, министерот за финансии Кристијан Линднер од FDP и министерот за економија Роберт Хабек од Зелените ќе дадат дополнителни изјави за буџетот, објави германската влада.

Германскиот Уставен суд на 15-ти ноември пресуди дека одлуката на коалициската влада да прераспредели 60 милијарди евра од неискористениот долг од периодот на пандемијата на нејзиниот фонд за клима и трансформација е неуставна. Пресудата ја принуди владата на Шолц да ја запре уставно назначената „должничка сопирачка“ за буџетот за 2023 година и да ги преиспита своите планови за 2024 година, со оглед на проценетиот финансиски недостаток од околу 17 милијарди евра во предлог-буџетот за 2024 година од 450 милијарди евра.