Германската влада го прифати ребалансот на буџетот за 2023-та

Во понеделникот германската влада го прифати ребалансот на буџетот за тековната година откако Уставниот суд кон средината на месецот го прогласи буџетот за неуставен, а спротивно на првичните планови беа предвидени и нови обврски.

„Со овој ребаланс на буџетот за 2023 година реагираме на пресудата на Уставниот суд од средината на ноември“, изјави министерот за финансии Кристијан Линднер по вонредната седница на владата.

Истовремено, Линднер најави дека владата е принудена да ја деактивира ткн должничка кочница која е дефинирана со Уставот и која дозволува нови долгови само во вонредни ситуации.

„Вонредната ситуација предизвикана од војната во Украина и поврзаниот скок на цената на енергетските производи се чувствува во голема мера и оваа година“, рече Линднер оправдувајќи ги новите обврски.

Во средината на ноември, Уставниот суд ја укина одлуката од 2021 година со која германската влада вишокот средства од 60 милијарди евра, кои останаа од кризните средства наменети за справување со последиците од кризата со пандемијата ковид-19, ги префрли на нововоспоставената Фонд за климата и Фондот за трансформација, од кои треба да се финансираат проекти за адаптација на германската економија кон преминот кон обновливи извори на енергија.

Линднер објасни дека и покрај дефицитот од 60 милијарди евра поради пресудата на Уставниот суд, во фондот сѐ уште има доволно пари за проекти за климатска адаптација на германската индустрија.

Германската влада апелираше до пратениците во Бундестагот да го прифатат ребалансот на буџетот на гласањето кое треба да се одржи кон средината на декември. Бундестагот мора да гласа за вонредни услови за да може владата повторно да се задолжува.

Таканаречената „должничка кочница“ беше воведена во периодот на владеењето на Ангела Меркел како реакција на финансиската криза во 2008 година.