Германската влада и телекомите договориле краен рок за замена на кинеските делови

Германската влада и телекомуникациските оператори постигнале начелен договор за постепено исклучување на деловите од кинеските производители од мобилната 5G мрежа во следните пет години, рекле за два запознаени извора.

Телеком операторите „Deutsche Telekom“, „Vodafone“ и „Telefonica Deutschlan“ ќе добијат повеќе време да ги заменат клучните делови, објавија Sueddeutsche Zeitung и телевизиските канали NDR и WDR.

За почеток, телекомуникациите ќе ја исклучат кинеската технологија од производителите како „Huawei“ и ZTE од главната мрежа на центрите за податоци во 2026 година, според прелиминарниот договор, велат изворите.

Втората фаза предвидува исклучување од употреба на кинески делови од антени, далноводи и столбови, велат истите извори, нагласувајќи дека договорот сѐ уште не е потпишан.

Министерството за внатрешни работи одговори на барањето на Reuters дека владата сè уште преговара со телекомуникациските компании.

„Владата дејствува според стратегијата за национална безбедност и стратегијата за Кина за да ги ублажи можните безбедносни ризици и зависноста“ од поединечни добавувачи, рекол портпаролот на министерството.

Кинеската амбасада во Германија не одговорила веднаш на барањето на Reuters за коментар за наводите на изворот.

Телекомуникациските компании досега се спротивставија на напорите на Берлин постепено да исфрли делови од „Huawei“ од мрежата. Кинеската компанија ги отфрли наводите за безбедносен ризик, критикувајќи ја „политизацијата“ на прашањата за сајбер безбедноста во Германија.

Американскиот регулатор за комуникации во мај објави дека на речиси 40 отсто од телекомуникациските компании им е потребна дополнителна финансиска помош од државата за да се отстрани опремата на кинеските производители од мобилните мрежи.