Германската влада може да предложи поскромен раст на платите, со додаток

Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц разгледува еднократен неоданочен додаток на платите за да ги наговори синдикатите да ги ублажат барањата за нивно зголемување, пишуваат во понеделникот медиумите.

Моќните германски синдикати, според владиниот план, би требало да се согласат на поскромен раст на платите за дополнително да не биде поттикната инфлаторната спирала, извести во неделното издание весникот Bild.

Инфлацијата во Германија и бројни други западни земји силно забрза поради нарушувањата во синџирите за набавка во пандемијата на короанвирусот, а растот на цените уште повеќе забрза по воведувањето на низата сеопфатни пакети западни санкции против Русија поради војната во Украина.

„Доколку работодавачите и синдикатите се согласат на еднократни исплати на работниците за да се олеснат исклучително тешките претстојни месеци, државата би можела да обезбеди разумен додаток“, изјави во саботата Ролф Мутцених, шефот на пратеничката група на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) на канцеларот Олаф Шолц.

Владини извори во понеделникот го потврдиле извештајот на Bild, според кој ја разгледуваат таквата опција. Канцеларот Шолц на 4-ти јули ќе се сретне со претставниците на работодавачите и на работниците за да разговараат за мерките со кои ќе се ограничи растот на цените.

Министерот за финансии Кристијан Линднер на Twitter изнесе забелешки за планот. Според него, еднократниот додаток би имал смисла, но „субвенционирањето на работодавачите коишто остваруваат голема добивка не е примерно“, предупредува министерот.

„Не можеме да си дозволиме проширување на корона-додатоците на целото стопанство“, додава Линднер, алудирајќи на мерките коишто ги воведе владата за да ги ублажи економските последици од пандемијата на Covid-19.