Германската влада одобри испораки на „Leopard 1“ за Украина и сака да купи „Gepard“-и од Катар

Германската влада одобрила испораки на тенковите „Leopard 1“ на Украина од индустриските залихи и е во преговори за купување на 15 тенкови „Gepard“ од германско производство од Катар за да му ги испорача на Киев, објави во петокот весникот Sueddeutsche Zeitung.

Испораката на тенковите „Leopard“ на Украина „би можела да се случи во секое време, откако тенковите ќе бидат поправени“, пишува весникот повикувајќи се на владини извори.

Германските компании „Rheinmetall“ и „Flensburger Fahrzeugbau Gesellschaft“ (FFG) би требало да ремонтираат десетици тенкови „Leopard 1“ кои би можело да ѝ бидат испорачани на Украина доколку Киев има волја да ги купи, се додава во извештајот.

Кон средината на јанури, додека Берлин сѐ уште се колебаше и беше под силен притисок да го одобри испорачувањето на современите тешко офанзивни тенкови на Украина, извршниот директор на најголемиот германски производител на оружје „Rheinmetall“, Армин Папергер за весникот Bild рече дека поправените тенкови од типот „Leopard 2“ на Киев би можеле да му бидат предадени најрано во 2024 година.

Поправката на тенковите кои се на залиха чини неколку стотици милиони евра, а компанијата не може да започне со поправката пред да ѝ биде потврдена нарачката, рече тогаш Папергер.

Неколку германски функционери разговарале со катарското министерство за надворешни работи за можното купување на 15 тенкови „Gepard“ кои Доха ги купи за обезбедување на стадионите во текот на Светското првенство во фудбал во декември, пишува натаму весникот, додавајќи дека Берлин се обидува да добие повеќе муниција од Катар.

„Тенковите Gepard многу добро се покажаа во војната во Украина Доколку можеме да добиеме повеќе од тукашните партнери, тоа дефинитивно би им помогнало на Украинците“, рекол без да даде конкретни докази новиот германски министер за одбрана Борис Писториус, кого го цитира Sueddeutsche Zeitung.