Партиите кои ја сочинуваат германската влада во средата постигнаа договор за контроверзните прашања за реформата на законот за странци, кои се однесуваат на стекнување германско државјанство и протерувањето на странцити без право на престој во Германија.
„Со современиот закон за државјанство, конечно го препознаваме секојдневието во Германија и им даваме перспектива на луѓето кои долго време живеат во Германија“, рече потпретседателот на пратеничката група на партијата Зелени, Константин фон Ноц, по редовниот состанок на владата во среда.
Должината на престојот по кој странците со редовен престој во Германија можат да аплицираат за германско државјанство е намалена од осум на пет години.
Странците кои покажуваат значителни резултати во процесот на интеграција би можеле да побараат германски пасош веќе по три години. Предуслов за стекнување државјанство е да можат да се грижат за себеси и за своето семејство, односно да не живеат од државна помош.
Истовремено, се заострува односот кон лицата кои поради немање причина да останат треба да бидат протерани од Германија. Така, притворот за депортираните ќе биде продолжен од десет на 28 дена, на што најмногу се спротивставија претставниците на партијата Зелени, кои особено го сметаат за спорен притворот за оние што треба да бидат депортирани.
Ќе им се олесни и депортацијата на шверцерите на луѓе како и на членовите на криминалните банди.
Претставниците на владините партии SPD (социјалдемократи), FDP (либералните демократи) и Зелените при презентацијата на предлог-законот најавија дека законот може да биде прифатен во Бундестагот на почетокот на следната година.
Претставниците на демохристијанската опозиција (унијата CDU/CSU), како и претставниците на десничарската евроскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), жестоко го критикуваа новиот закон за државјанство.
„Ова турбо стекнување на германско државјанство ќе ѝ нанесе голема штета на земјата. Три или пет години се многу кратко време за да се види дали некој е интегриран во германското општество или не“, рече Александар Тром, портпарол на пратеничката група на CDU/CSU за внатрешна политика. Тој го критикуваше и членот од законот со кој ќе се овозможи двојно државјанство.
Една од централните цели на коалициската влада на социјалдемократот Олаф Шолц е да го реформира законот за странци, кој, меѓу другото, треба да ја поттикне имиграцијата на квалификувани работници.