Германската влада повика на намалување на потрошувачката на енергијата

Германскиот министер за економија Роберт Хабек во четвртокот ги повика сонародниците да ја намалат потрошувачката на енергијата, откако руската енергетска компанија „Газпром“ значително ги намали количествата на испорачан гас кои преку гасоводот Северен тек ѝ го испорачува на најголемата економија во Европа.

Натамошните проблеми со поправки на турбините Северен тек 1 во Канада може да доведе до запирање на работа на гасоводот, што би претставувало катастрофа за Германија, предупреди во четвртокот постојаниот руски претставник во Европската унија, Владимир Чижов.

„Што се однесува на Северен тек 1, треба да се праша Siemens, зошто турбината на ремонт требало да биде испратена во Канада. Кога сите турбини би отишле на поправка во Канада, тој може да престане, мислам дека тоа ќе биде катастрофа за Германија“, предупреди Чижов.

„Не сакам да делам совети, но за ова време можеа да научат како да ги поправат“, додаде рускиот дипломат.

Руски „Газпром“ порача дека количеството гас кој се испорачува во Германија преку гасоводот Северен тек 1, ќе се намали на 67 милиони кубни метри гас дневно од 167 милиони кубни метри гас на дневно ниво претходно седмицата, а притоа како причина ги наведе неопходните ремонти на турбините коишто германскиот производител „Siemens“ од кои една ја испратил во Канада од каде сѐ уште не е вратена.

Кастрењето на испораките претставува околу 60-процентно намалување на гасот за Германија преку овој гасовод за само два дена. Европските земји се обидуваат да ја намалат зависноста од руските фосилни горива поради војната во Украина но со многу ограничен успех.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек во видео објавено на Twitter рече дека „сега е време“ за штедење на потрошувачката на енергијата.

„Секој киловат-час помага во оваа ситуација. Иако резервите за Германија се сигурно со придонесите од други поскапи извори, мораме да бидеме будни. Во прв ред не смееме да си дозволиме да бидеме поделени, а тоа е она што го посакува (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Хабек.
Деловната новинска агенција Bloomberg, повикувајќи се на свои извори, објави дека клучната опрема за функционирањето на гасоводот Северен тек 1 не може да биде вратена по испраќањето на ремонт во Канада, поради западните санкции против Русија, со што испораките на гасот за Германија извесен период ќе бидат ограничени.

Според соговорникот на агенцијата, втората турбина, којашто исто така треба да биде ремонтирана, не може да биде испратена во странство. Германскиот концерн „Siemens“ потврди дека не може да испорача гасна турбина за гасоводот Северен тек 1 по поправката во Канада поради антируските санкции на оваа земја, и оти компанијата бара решение за проблемот.

Во вторникот „Газпром“ соопшти дека поради ограничувањата на компресорската станица „Портоваја“, ќе може да испорачува гас преку Северен тек 1 во обем до 100 милиони кубни метри дневно, наспроти планираните 167 милиони, бидејќи во моментов може да се користат само три едници за гасните компресори, особено поради доцнењето на „Siemens“.