Германската влада стравува од наводно руско влијание на претстојните покраински избори

Германското Министерство за внатрешни работи предупредува на наводно можното влијание на Русија врз претстојните избори во сојузните покраини на истокот на земјата каде што крајната десница има значаен раст пред конкурентите, објавија во саботата германските медиуми.

„Мораме да тргнеме од фактот дека сите избори во нашата земја се потенцијална цел на незаконско влијание“, изјави портпаролот на федералното министерство за внатрешни работи за весникот Handelsblatt.

Според него, Русија наводно „особено се обидува незаконски да влијае на јавната дебата и формирањето политичко мислење“ во Германија.

Извор во министерството рекол дека обидите за влијание врз јавното мислење се интензивирале по рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година.

„Сведоци сме на акумулација на дезинформации од државните канцеларии во Русија, како и на блискиот медиумски режим“, се вели во соопштението.

Се наведува дека „лажните вести особено се користат за да се разгорат емоционално наполнети дебати“, како што се имиграцијата или помошта за Украина.

Во септември се одржуваат избори за локални парламенти во источногерманските сојузни покраини Саксонија, Тирингија и Бранденбург.

Анкетите на јавното мислење покажуваат значително зголемување на популарноста на крајно десничарската суверенистичка и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), како и на новооснованата алијанса Сахра Вагенкнехт (BSW), партија која има свои корени во круговите на симпатизерите на поранепната комунистичка Источна Германија.

И двете од овие партии се противат на германската помош за Украина и заземаат отворено проруски позиции. Во исто време, AfD и BSW, кои заедно поддржуваат повеќе од 50 отсто од гласачите во источна Германија, се скептични кон либералната бегалска политика.

AfD се етаблира како втора најсилна политичка партија во Германија на сојузно ниво од минатата година во повеќе истражувања на јавното мислење. На изборите за Европскиот парламент во првата седмица од јуни анализите покажуваат и дека AfD била особено успешна во источните делови од Германија и кај помладите гласачи. Во групата од 16 до 24 години оваа партија освоила 17 отсто од гласовите.

Разузнавачките служби ги класифицираа и AFD и нејзината младинска организација како групи со сомнителни десничарски и екстремистички ориентации. Ваквата оценка на службите ја потврди и судот во Келн, а партијата подоцна поднесе жалба. Во вторникот, Вишиот управен суд на Северна Рајна-Вестфалија ја започна жалбената постапка за случајот.