
Политичарите од владејачката демохристијанско-социјалдемократска коалиција се заземаа за воведување верски данок во земјата и за муслиманските верници, со што би се овозможило понезависно финансирање на работата на џамиите во Германија коишто во моментов се финансираат со пари од странство, пренесуваат во средата германските медиуми.
„Целта мора да ни биде ослободување на исламот во Германија од влијанието од странство и посилната ориентација кон извори во Германија“, изјавил потпретседателот на пратеничката група на демохристијанската Унија на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјана унија (CSU), Торстен Фреј во разговорот за дневниот весник Die Welt, Заклучува притоа дека воведувањето данок за муслиманските верници, според примерот на црковниот данок кој го плаќаат верниците од протестантските и католичките и другите цркви во Германија, би претставувал „првиот чекор во вистинската насока“.
И помалиот партнер во владата на канцеларката Ангела Меркел, Социјалдемократската партија на Германија (SPD), се залага за процесот на одвојување на исламскиот верски живот во Германија од влијанијата од странство.
„Идејата муслиманските верски организации во Германија да се одвојат од финансирањето од странство заслужува јавна расправа“, изјави експертот на SPD за внатрешно-политички прашања, Биркар Лишка за Die Welt. Тој верува дека со тоа би се намалила можноста за радикализирање на муслиманските верници.
Поддршка на идејата за одвојување од влијанието врз германските џамии преку финансирањето доаѓа и од некои либерални верски заедници, како што е неодамна основаната Ибн-Рушд џамија во Берлин, којашто, меѓу другото, се залага и за порамноправен третман на половите.
Џамиите во Германија коишто ги обединуваат турските верници, кои со повеќе од два милиона ја сочинуваат најголемата национална исламска заедница во земјата, се под контрола на турското здружение Ditib, за кое се смета дека е директно подредена на турската влада. Во минатото имаше жестоки критики на сметка на оваа организација, меѓу другото и поради обвинувањата дека наводно имамите во овие џамии ги шпионирале наводните противници на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Од друга страна, пак, постојат во Германија број и џамии кои се под директно влијание на арапските земји од Персискиот залив, како што е Саудиска Арабија, и во коишто се застапуваат извонредно конзервативните облици на исламот. Во таквите џамии биле активни и подоцнежните напаѓачи во САД од 11-ти септември 2001 година, а и напаѓачот на берлинскиот божикен базар во 2015 година му припаѓал на кругот на една радикална џамија во Берлин.