
Германското Министерство за одбрана се извини поради објавувањето фотографија на униформа од нацистичкиот период со медали со кукаст крст.
Фотографијата е објавена во рамки на една приказна на Инстаграм за модата, под името „Ретро“.
Портпаролот на војската Кристијан Тилс изјави дека таа објава брзо е отстранета од Инстаграм, бидејќи е „неприфатлива грешка“ и дека Министерството се извинува за тоа.
Тилс рече дека униформата на фотографијата всушност е холивудски костим кој актерот Том Круз го носел во филмот „Валкир“, по што е изложена во Историскиот воен музеј во Дрезден. Фотографијата е објавена како илустрација на текст за влијанието на униформата врз модата.
Според портпаролот, објавувањето на фотографијата повеќе е „исклучително иритирачки случај на невнимание“ отколку „неонацистичка порака“. Тој најави дека „ќе има последици“ за одговорните.