Компанијата „Allianz Global Investors“ (AGI), инвестициската група на германскиот осигурителен гигант „Allianz“, доби зелено светло за купување удел во кинескиот пензиски гигант „Guomin Pension“.
AGI доби дозвола да ги купи акциите на „Guomin Pension“, кои претставуваат два отсто од сопственичкиот удел, во вредност од 228 милиони јуани (31,40 милиони долари), се вели во соопштението на пензиското друштво во понеделникот. Тоа значи дека „Allianz“ ќе стане првата странска компанија со сопственички удел во кинескиот пензиски фонд.
Основниот капитал на пензискиот фонд ќе се зголеми на 11,4 милијарди јуани со инвестицијата на AGI и ќе обезбеди врвна позиција во секторот за управување со средства во Кина. Водечките кинески банки и осигурителни компании ја основаа „Guomin Pension“ во 2022 година како дел од планираниот развој на секторот за приватно пензиско осигурување.
Со години, глобалните финансиски компании се обидуваат да влезат на кинескиот пазар на приватно пензиско осигурување во потрага по профитабилни можности што треба да им го обезбеди стареењето на кинеското население и развојот на приватните иницијативи.
Пред два месеци „„Allianz“ доби дозвола од кинеските регулатори да основа инвестициски фонд чиј единствен сопственик ќе биде компанијата. Негови клиенти треба да бидат мали и институционални инвеститори, а можеби и пензионери, забележува Reuters.