Германски екстремисти нападнале Сириец на божикен саем

Група десни екстремисти нападнала Сириец и сопственик на штанд кој го вработил на божикен саем во Арнштад, на истокот од Германија, пренесуваа во саботата германските медиуми.

Група од осум до десет лица го нападнале во четвртокот вечерта сопственикот и вработениот на еден штанд, затоа што станува збор за Сириец. Тргнуваме од претпоставката дека се работи за кривично дело со десна екстремна заднина, соопшти полицијата.

Според соопштението, агресивната група прво вербално го нападнала 53-годишниот сопственик на штандот, а потоа физички го нападнала и 22-годишниот сириски бегалец.

Поголем судир спречило обезбедувањето на божикниот саем, по што интервенирала полицијата.

Сојузната германска земја Тирингија, на истокот од Германија, е позната по својата традиција на изработка на божикен накит, но и како сојузна покраина со силна поддршка за десно екстремните групи и зачестените напади врз бегалци.

Од оваа покраина произлегува и екстремното крило на евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), којашто својата политичка програма последните години ја темели на критиката на бегалската и доселеничка политика на канцеларката Ангела Меркел. Тоа на партијата ѝ го донесе историскиот успех на септемвриските парламентарни избори, кога како најмлада партија на германската политичка сцена се проби како трета групација во Бундестагот.