Во денешното издание на германски „Ханделсблат“, најпознат дневен економски весник во Германија и четврт по продажба од сите дневни весници во оваа земја воопшто, објавен е текст за Македонија со наслов „Македонија- неопходен партнер за Европа и Германија“.
Текстот ги опфаќа нашата улога со бегалците, економијата и политичката ситуација, членството во ЕУ и НАТО. Во однос на политичкиот дел се вели дека анкетите покажуваат се помала популарност на опозициската СДСМ, која ги блокира изборите и ја загрозува стабилноста на нацијата, економскиот напредок и неговата иднина.
„Ханделсблат“ пишува дека Македонија не само што е сериозна околу контролирање на границите, туку има и една од најдобрите економии во регионот со стапка на пораст од 3,7% во 2015 година, 1,6% повеќе од просекот во регионот, а и многу стабилен прилив на директни странски инвестиции.
Земјата направи значителен економски напредок според индексот за економска слобода, кој во 2016 година заклучи слободата во трговијата, регулаторната ефикасност и фискалната слобода се со значителен успех. Светската банка ја истакна контролата на инфлацијата во Македонија и менаџирањето на фискалниот дефицит. Задолженоста изнесува 46,6% од БДП, а за споредба, кај некои од водечките економии во светот е над 100%, пишува весникот.
Македонија, нагласува „Ханделсблат“ е една од малкуте земји во светот кои имаат позитивен трговски баланс со Германија.
Билатералната трговија е 2,526 милијарди евра во 2015 година, а од нив 1,795 милиони евра биле од македонски извоз во Германија, со речиси 37% од тоталниот извоз од Македонија и 731 милиони евра извоз од Германија. Ова е навистина импресивна бројка со оглед на тоа што Македонија има само 2,1 милиони жители, стои во текстот.
Во текстот исто така е опфатена и политичката ситуација во нашата земја, каде се критикува однесувањето на најголемата опозициска партија СДСМ.
Моменталната политичка криза во Македонија мора да се реши. Инвеститорите ја избегнуваат несигурноста, а на Македонија и треба силна, стабилна влада која испраќа позитивни сигнали на интернационалните пазари. Договорот од Пржино е вистинскиот инструмент за да се дојде до потребната политичка стабилност во земјата и да се вратат на прав пат реформите, просперитет на институциите и нацијата. Договорот беше интернационално признаен како голем успех во надвладување на политичката криза во Македонија, се вели во текстот.
„Ханделсблат“ додава дека опозицијата треба да го почитува договорот, да соработува со националните институции и да делува одговорно за општото добро на нацијата и на Европа.
Краткотрајните изборни интереси не треба да го оправдуваат блокирањето на владата и останатите национални институции. Земјата мора да организира предвремени избори за да се даде нов мандат на нова влада. Анкетите покажуваат се помала популарност на опозициската СДСМ која ги блокира изборите и ја загрозува стабилноста на нацијата, економскиот напредок и неговата иднина. Прво и најважно за секој политичар е неговата земја и националните интереси. Опструкциите на СДСМ очигледно одат против двете работи, пишува Ханделсблат.