Германски компании продолжуваат да остваруваат големи приходи во Русија

Повеќе од 260 германски компании сè уште се активни во Русија кои остваруваат обрт од над 23 милијарди долари, објави во вторникот германскиот јавен сервис ARD.

„Германските компании во 2022 година и платиле даноци на руската држава во износ од 402 милиони долари“, пренесува ARD, повикувајќи се на податоци од Економскиот колеџ (School of Economics) од Киев.

Според истите податоци, во Русија моментално се активни 262 компании, кои во 2022 година оствариле промет од 23,2 милијарди долари. По рускиот напад на Украина во февруари 2022 година, голем број германски компании ја напуштија Русија, но многу поголем број, околу две третини, останаа активни во таа земја.

Лани најголем промет во Русија со 3,4 милијарди долари оствари германскиот трговски концерн „Metro“. Претставници на оваа компанија објавија во дневниот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung дека нивното работење во Русија не ги прекршува санкциите што Европската унија ги воведе кон оваа земја по почетокот на нападот врз Украина.

„Нашиот бизнис целосно ги исполнува условите наметнати од санкциите на ЕУ“, изјавија претставници на „Metro“, ​​кои најавија дека ќе продолжат да бидат присутни во Русија.

Втората по големина германска компанија во Русија, енергетската компанија „Uniper“, најави претстојно заминување од оваа земја.

Според ARD, другите германски компании активни во Русија не ги прекршуваат санкциите на ЕУ. Од западните компании, само американски компании се поактивни во Русија од германските компании, кои во 2022 година оствариле промет од 40 милијарди долари и платиле 712 милиони долари данок во руската каса.

Од западните компании активни во Русија, најголемиот број од нив остваруваат приход преку продажба на тутун и алкохол, а предничат „Japan International Tobacco“ и американскиот „Philip Morris“.

Швајцарската „Nestle“ е, исто така, меѓу западните компании со најголеми приходи.