Германски медиуми: Ципрас размислува за избори во септември

Грчкиот премиер Алексис Ципрас интензивно размислува за предвремени избори кои би се одржале на 13 или 20 септември, пренесува МИА, повикувајќи се на пишувањата на германската агенција МНИ пренесени од страна на грчките медиуми.

Според германскиот медиум, Ципрас сака да има избори веднаш по одобрувањето на третата програма за помош, со оглед на тоа што сака да ја реконструира Сириза и да си обезбеди нов чист почеток.

Вториот пакет реформи усвоен во Грчкиот парламент

Инаку, грчкиот Парламент рано утрово го усвои вториот пакет мерки за реформи, по што можат да почнат преговорите со кредиторите за третата помош. Вкупно 230 пратанеици гласаа против, од кои 36 беа од Сириза. Во Грција се коментира дека ова сепак е помала бројка од минатата недела кога 39 пратеници на владејачката партија гласаа против првиот пакет реформи. Познавачите коментираат дека „се на се, Ципрас е во сосема истата тешка позиција како што беше пред гласањето“.

Грчкиот Парламент рано утрово го усвои вториот пакет мерки за реформи
Грчкиот Парламент рано утрово го усвои вториот пакет мерки за реформи

Владата на Грција тврди дека нема намера да распише предвремени избори

Портпаролката на Ципрас, Олга Геровасили пред два дена изјави дека Владата на Грција нема намера да распише предвремени избори, се додека не ги заврши преговорите со своите партнери од еврозоната за новиот пакет помош.

– Избори во моментов не би биле корисни и Владата нема намера сега да ги организира, рече таа и додаде дека „целта е да се финализира договорот со Европа, земјата да се врати во нормала и да се постигне стабилност“.

И лидерот на грчката најголема опозициска партија Нова демократија Вагелис Мимаракис се изјасни против предвремени избори и изрази намера да соработува со премиерот.

– Изборите ќе бидат катастрофа за економијата, рече Мимаракис во интервју за јавниот радиодифузен сервис, додавајќи дека неговата партија ќе победи доколку тие се одржат.