Германски офицери осмислуваат удар врз Кримскиот мост, цитира Симонјан аудио-снимка на Бундесверот

Главната уредничка на руската медиумска групација „ Россия сегодня“ и на телевизискиот канал RT, Маргарита Симонјан, објави на платформата Telegram дека поседува аудио-снимка на којашто, како што тврди, германски офицери дискутираат за напади врз мостот преку Керченскиот теснец кој директно го поврзува црноморскиот полуостров Крим кој во 2014 година се присоедини кон Русија со руското копно.

„Нешто многу интересно ми беше предадено …. токму на денот кога (германскиот канцелар Олаф) Шолц рече дека НАТО не учествува и нема да учествува во украинскиот конфликт… На оваа многу интересна снимка, високи офицери на Бундестагот разгледуваат како ќе го бомбардираат (внимавај!) Кримскиот мост“, напиша Симонјан.

Додава дека лицата кои учествуваат во таа дискусија разгледуваат како да биде изведен ударот врз мостот за да не падне сомнежот врз Германија.

Аудио-снимката е во траење од 40 минути, во која германски офицери ги споменуваат и американските и британските сили, коишто, според искажувањата забележани на снимката „долго време директно се вклучени во конфликот“, пишува натаму Симонјан која засега не ја објавува снимката.

„Многу фасцинантно четиво и аудио што навистина посакувам да го објавам. За да им угодам на претплатниците“, додава новинарката.

Малку подоцна Симонјан го објави интегрално транскриптот од аудио-снимката (преведен на руски јазик) на руската социјална мрежа  “ВКонтакте” , при што наведува дека разговорот бил воден на 19-ти февруари и ги именува учестниците во него. Како што е наведено, станува збор за шефот за операции и вежби на командата на воздухопловните сили на Бундесверот – Граф, инспекторот на истите сили Герхарц и офицери во Центарот за воздушни операции на космичката команда на Бундесверот наведени по презимињата Фенске и Фростед.

Истакнува притоа дека во врска со ова упатува официјално новинарско барање до германската амбасада во Москва, до шефот на германската дипломатија и лично до канцеларот Шолц.

Симонјан притоа го поставува прашањето како треба да се разбере содржината на снимката, за која не пишува дали е потврдена и од кого, нејзината автентичност.

„Зарем не е веќе време Русија да ја потсетува Германија како минатиот пат завршија кревањето во воздух на руските мостови за Германија? Би сакала да го видам одговорот, како што е вообичаено за сите барања од вашите медиуми…“, заклучува Симонјан додавајќи дека „никогаш не се знае што носи утрешниот ден“.

По објавата на Симонјан за оваа снимка, исто така, на Telegram се огласи портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, пишувајќи дека германските медиуми сега „имаат причина да ја докажат својата независност“ и да ѝ го постават прашањето на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Кога во понеделникот вечерта по итниот состанок во Париз на 20-ината челници на земјите од ЕУ и американски претставник францускиот претседател Емануел Макрон, покрај изјавата која брзо беше демантирана од сојузниците во НАТО вклучително и од Германија дека сѐ уште нема консензус но дека овие земји разговараат за можно испраќање свои војници на боиштето во Украина, рече дека земјите од ЕУ се согласиле за создавање на уште една, деветта по ред, коалиција за „удари по длабочина“, снабдувајќи го Киев со ракети со среден и долг дострел кои освен што би можеле да досегнат цели во заднината на руската војска и да служат и за удари врз цел во Русија.

Веќе следното утро германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Берлин нема намера да испраќа војници во Украина, а исто така и не разговара за испораки на своите крстосувачки ракети со долг дострел (до 500 километри) „Taurus“. Подоцна изјави дека Берлин се воздржал, според гласањето во Бундестагот на поставеното барање, за испорака на овие проектили кои според него би можеле да погодат и цели во Москва.

Рускиот претседател Владимир Путин во своето годишно обраќање во парламентот во четвртокот се осврна и на, како што рече, опасните дејствија и изјави од Западот кои се закануваат да предизвикаат директен судир дури и со употреба на нуклеарното вооружување и уништување на цивилизацијата.