Германски произведувач на челик бара изземање при рационализирање на гасот

Германскиот произведувач на челик „Salzgitter AG“ преговара со регулаторите за да обезбеди изземање во случај на многу веројатното рационализирање на потрошувачката на гас, предупредувајќи дека неговото производство е клучно за енергетската безбседност и за испорака на топлинска енергија.

Вториот според обемот произведувач на челик во Германија спаѓа во групата големи компании коишто бараат изземање од рационализирањето на потрошувачката на гасот доколку дојде до дополнително намалување на испораките од Русија. Руската компанија „Газпром“, со појаснување за технички проблеми на гасоводот Северен тек 1, во моментов испорачува само петтина од вообичаените количества на енергенсот.

Извршниот директор на „Salzgitter AG“, Гунар Греблер, потврдил дека преговараат со регулаторот за енергија кој е задолжен за изработка на плановите за рационализирање на потрошувачката на гасот доколку се продлабочи кризата со снабдување и веќе на компанијата им испратил прашалници.

Инаку „Salzgitter AG“ е член на Германската федерација на произведувачите на челик, којашто, исто така, преговара со регулаторот.

Германија објави втор степен на приправност на кризата со снабдување со гасот, а третиот степен предвидува рационализирање на потрошувачката на гасот. Тамошната индустрија троши околу четвртина од вкупната потрошувачка на гасот.

Во „Salzgitter AG“ веќе ја намалија потрошувачката на енергијата за повеќе од 20 отсто во однос на минатата година, делумно и поради намалената побарувачка на челикот што се очекува во втората половина од годинава, истакнал Греблер.

Компанијата истовремено произведува цевки со коишто двата планирани терминала за течен природен гас (LNG) ќе ги поврзува со гасната мрежата, што значи дека има клучна улога во настојувањата на Германија да ја намали зависноста од руските енергенси.

„Затоа ние сме дел од решението коешто носи поголема енергетска независност“, истакнува Греблер за Reuters.

Запрашан дали „Salzgitter AG“ можеби ќе мора да го запре производството, Греблер вели „Постојано тоа нѐ прашуваат. Што ќе се случи доколку „Salzgitter AG“ целосно се затвори? Би рекол дека шансите за тоа се релативно мали“.

Истовремено предупредува дека го снабдуваат со топлинска енергија градот Залцгитер, што значи дека имаат и голема улога и во тој сегмент на локално ниво.

Имено, како и други големи производствени капацитети од овој вид, топлината од производствените процеси се враќа во градскиот систем за затоплување, за кој Греблер смета дека би можел да биде загрозен доколку би било запрено производството.

„Тоа би значело дека околу 100.000 жители би останале без топла вода и затоплување“, појаснува челникот на „Salzgitter AG“.

Залцгитер е третиот по големина добавувач на вода за пиење во германската сојузна покраина Долна Саксонија која е сопственик на 26,5 отсто од уделите во компанијата, потсетува директорот на „Salzgitter AG“.