Германскиот концерн од наменската воена индустрија „Rheinmetall“ преговара со властите во Киев за изградба на фабрика на територијата на Украина којашто ќе може да произведува до 400 тенкови од најновиот модел „Panther“, изјави челникот на компанијата Армин Папергер.
„Погоните Rheinmetall може да бидат изградени во Украина за сума од околу 200 милиони евра“, вели Папергер во интервјуто за Rheinische Post објавено во саботата, оценувајќи ги преговорите со украинските власти како „ветувачки“, а посочува дека компанијата ја очекува конечната одлука „во следните два месеца“.
Според Папергер, на украинската армија ѝ се неопходни 600 до 800 тенкови, а дури и доколку Германија ги испорача во Украина „сите 300 Leopard 2, тоа би било очигледно премалку“. Притоа појаснува дека „Rheinmetal“ може да испорача приближно 250 единици од овие офанзивни оклопни возила.
„Од 50 ‘Leopard 2A4’ околу 30 тенкови се готови, а на нив се придодаваат околу 100 од старите модели Leopard 1, од кои можеме повторно да ремонтираме 88 парчиња“, вели челникот на германскиот концерн.
Од „Rheinmetal“ своите планови за проширување на производството на најновите тенкови во Украина ги објавија на почетокот од февруари, посочувајќи дека имаат намера да го снабдат Киев со својот најмодерен борен тенк „Panther“ кој за да се пробие на пазарот мора да ги демонстрира своите способности во реални борбени дејствија.
Кон средината на јануари по долго колебање и притисоци од западните сојузници, Берлин одлучи да ѝ испрати на Украина една тенковска чета, односно 14 посовремени тенкови од моделот „Leopard 2“ и да им дозволи тоа да го сторат и на земјите кои ги поседуваат и сакаат со нив да го снабдат Киев. Потоа, германската влада во првата седмица од февраури одобри испорака на 178 тенкови од модел „Leopard 1 A5“ од првата генерација за Украина, кои Бундесверот уште пред 20 години го повлече од употреба.
Министерот за одбрана Борис Писториус во текот на ненајавената посета на Киев во вторникот изјави дека заедно со неколку европски земји е договорена испораката на 20 до 25 тенкови „Leopard A1“ до летото а до 80 до крајот на 2024 година, со цел да се достигне бројката од повеќе од 100 во текот на првиот или вториот квартал истата година.
Германскиот концерн од воената индустрија „Rheinmetall “ соопшти одвоено дека планира првите 20 до 25 борбени тенкови „Leopard 1“ да ги испорача во Украина „оваа година“, без да прецизира рокови.