Во Германија, по пресудата на повисок покраински суд, од која произлегува дека Сирија не може да се смета за небезбедна земја, во среда се разговара за депортација на криминалци во Сирија, но и во Авганистан.
„Одлуката на судот во Мунстер го поддржува ставот на германската влада и сојузниот канцелар, според кој луѓето кои го прекршиле законот во Германија, исто така, можат да бидат депортирани во земји како Сирија и Авганистан“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц одвлаејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) во текот на неговата летна прес-конференција.
Објасни дека Сириецот кој бил вмешан во криумчарење луѓе и за кој одлучувал Вишиот управен суд на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија во Мунстер „веќе не може да ужива во нашето гостопримство“.
Во одлуката објавена во вторникот, судот во Мунстер заклучи дека не постои „сериозна индивидуална опасност по животот или физичкото здравје како резултат на внатредржавниот вооружен конфликт“ во Сирија.
Опозицијата од Христијанско-демократската унија (CDU/CSU) смета дека пресудата од Мунстер овозможува поинтензивна депортација на криминалците.
Исто така, се отвора прашањето за протерување и на оние Сиријци кои не добиле политички азил, но уживаат во т.н. супсидијарна заштита доделена на лица кои не ги исполнуваат условите за азил, но не се депортирани во земјата на потекло од хуманитарни причини.
„Пресудата од Мунстер може да донесе нова динамика во дебатата за миграцијата“, рече претставникот на парламентарната група на демохристијаните, Торстен Фреј.
Додаде и дека пресудата претставува „шлаканица против политиката“ на министерката за надворешни работи Анален Баербок од партијата на Зелените.
Претставникот на баварската Христијанско-социјална унија (CSU), Александар Добриндт, изјави дека владата мора што поскоро да започне со депортирање на криминалци и исламисти во Сирија и Авганистан.
Здружението за заштита на човековите права „Про Асил“ ја нарече одлуката на судот во Мунстер „далеку од реалноста“ и во соопштението посочи дека „граѓаните во ниту еден дел од Сирија не се безбедни од прогонот на режимот на Башар ал-Асад“.