Оние кои го слушаат во тоа никогаш не се ни сомневаа, но сега имаат и потврда, откако суд во Германија одлучи дека техното е музика и дека клубовите во коишто се слуша треба да имаат исто даночно олеснување како и концертните сали.
Сојузниот финансиски суд (BFH) се согласи со тужителите, меѓу кои беше и легендарниот берлински клуб „Berghain“, кои тврдеа дека државата не би требало да го наплаќа стандардниот 19-процентен ДДВ на продадените влезници кога концертните сали уживаат пониска стапка од 7 отсто.
Судот во одлуката образложи дека „просечниот посетител“ на техно или хаус клуб, таму доаѓа првенствено поради музиката на диџеите, што ноќните клубови ги прави „слични на концертите“, независно од тоа дали има пејач или музичари коишто свират на инструменти.
Диџеите не пуштаат само музика, туку „тие изведуваат и свои музички нумери користејќи инструменти во поширока смисла за да создадат нови звучни секвенци со сопствен карактер“, појаснува судот.
Оваа судска одлука е една од ретките добри вести за ноќните клубови во Германија кои поради пандемијата на коронавурусот оваа година беа затворени повеќе од шест месеци и стравуваат дека многу од нив нема да може да ја преживеат кризата и покрај владината економска помош.