Германски војници во август ќе бидат распоредени во БиХ

Германија до крајот на август ќе испрати во Босна и Херцеговина контингент војници коишто ќе се придружат на силите на Европската унија во оваа земја кои таму делуваат во рамките на операцијата Алтеа, потврдија од командата на ЕУФОР во Сараево.

Планот на германскиот канцелар Олаф Шолц да го зајакне учеството во засилувањето на ЕУФОР доаѓа во време додека во БиХ растат политичките тензии, а во јули го одобри Бундестагот. Засега во БиХ ќе бидат испратени 50 припадници на Бундесверот и нивното распоредување почнува од средината на август.

Германските офицери и војници ќе дејствуваат во главниот штаб на ЕУФОР на чие чело е австрискиот генерал Антон Весели. Ќе бидат ангажирани и во составот на набљудувачките тимови распоредени ширум БиХ.

Германија ги испраќа своите војници во БиХ и покрај противењето на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Откако Бундестагот го поддржа планот на Шолц, Додик изјави дека тоа е „во функција на заплашување на граѓаните на Република Српска“.

Во составот на ЕУФОР, кој во 2004 година ги замени силите СФОР кои ги предводеше НАТО, моментално има 1.100 војници од 19 земји со мандат да го набљудуваат почитувањето на одредбите од Дејтонскиот мировен одговор од 1995 година и реагирање во случај на безбедносни загрозувања.

Мандатот на ЕУФОР секоја година мора да го продолжи Советот за безбедност при Обединетите нации, но сега се смета дека Русија а можеби и Кина, би можеле да го искористат своето право на вето и да ги блокираат продолжувањето на оваа мисија.

Челникот на Воениот комитет на НАТО, адмиралот Роб Бауер во текот на посетата на Сараево во јули потврди дека Алијансата „нема да дозволи никаков безбедносен вакуум“ во БиХ и моментално ги „разгледува опциите кои ѝ стојат на располагање“ доколку Русија стави вето кога ќе се решава за продолжувањето на мандатот на ЕУФОР:

„Има многу дискусии и се разгледуваат можните опции“, рече тогаш Бауер.