
Војник на германскиот Бундесвер е осомничен дека убил четири лица во областа Ротенбург во сојузната покраина Долна Саксонија пред да се предаде, објавија во петокот полицијата и обвинителството.
Меѓу убиените, чии тела биле пронајдени претходно во текот на денот, има и едно дете. Убиствата се извршени на две локации – во куќа во Вестервезеде во општината Шезел и во Ботел во областа Ротенбург.
„Осомничениот сторител се предаде по нападот во четвртокот вечерта и беше уапсен“, соопштија истражителите.
Полицијата соопшти дека приватен проблем „не може да се исклучи“ како мотив за злосторството.
Во истрагата биле ангажирани голем број полицајци.