Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ во средата објави дека го продолжил партнерството со кинески SAIC преку заедничко вложување до 2040 година, нагласувајќи ја важноста на пазарот на азискиот гигант и градењето конкурентна позиција во глобално ниво.
VW и SAIC основаа заедничка компанија пред 40 години, а во средата го продолжија партнерството на уште 10 години.
„Со продолжување на долгорочниот договор, ја нагласуваме важноста на соработката и кинескиот пазар за групацијата Volkswagen“, се вели во соопштението на германската компанија.
„Ја забрзуваме трансформацијата на SAIC Volkswagen во согласност со нашата стратегија „Во Кина, за Кина“ на сите нивоа и имаме намера да поставиме нова генерација електрифицирани возила на патиштата до 2026 година за економски и технолошки да го обезбедиме нашето партнерство за иднина“, додаваат тие.
Германската компанија сака да ја „продлабочи интеграцијата во кинескиот екосистем“ и да обезбеди пристап до кинеските иновации, „што на групацијата Фолксваген и носи стратешка конкурентна предност на глобално ниво“, нагласуваат.
Целта на VW и SAIC е да обезбедат водечка позиција на пазарот за брендовите на патнички автомобили SAIC VOLKSWAGEN (SVW) „Volkswagen“ и „Audi“ во ерата на „интелигентни, целосно мрежни електрични возила“.
Извршниот директор на SAIC, Ванг Ксиаокиу, рече дека фокусот на заедничкото вложување е „да се развијат нови, интелигентни електрични возила за да се одржи водечката позиција во индустријата во областа на паметните технологии.
Германскиот автомобилски гигант со продолжувањето на договорот посочи дека смета на својот кинески партнер и покрај дополнителните царини на ЕУ за увозот на неговите автомобили, од 37,6 отсто.
Партнерите исто така известија дека „со оглед на ненадејното зголемување на побарувачката за електрични возила и сè посилниот конкурентен притисок“, тие одлучија да ја забрзаат трансформацијата на производната мрежа, со фокус на трошоците и ефикасноста на производството.
„Во овој контекст, постојните капацитети за производство на возила со мотори со внатрешно согорување ќе се намалуваат постепено во наредните години“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека бројни погони веќе се приспособени за производство на електрични возила или чекаат „алтернативни економски решенија“.
„Ова важи и за фабриката на заедничката компанија во Урумчи, која беше продадена од економски причини, како дел од прилагодувањето на капацитетот“, се додава.
Урумчи се наоѓа во кинеската провинција Ксинџијанг и „Volkswagen“ долго време беше под притисок на јавноста во западните земји да го продаде, со тврдења на САД за наводно прекршување на правата на мулсиманското малцинство Ујгури.
VW не произведува автомобили во Ксинџијанг од 2019 година. Во својот врв, меѓу 2015 и 2019 година, фабриката вработуваше околу 650 луѓе, покажуваат податоците на VW, а во последниве години локацијата беше фокусирана на технички прилагодувања и тестирање на возилата.