Германскиот парламент во петокот со гласовите на трите владејачки партии ги прифати контроверзните промени на изборниот закон со кој бројот на пратениците во Бундестагот би се намалил и ограничил на 630.
„За промената гласаа 400 пратеници, 261 беа против“, објави потпретседателката на германскиот парламент, Ајден Езоѓуз
Законот предвидува укинување на ткн дополнителни и компензирачки мандати кои се создаваат кога една партија преку директните гласови за кандидати ќе освои повеќе пратенички места отколку што ѝ припаѓаат според гласовите кои се добиваат на партиските листи.
На парламентарните избори во Германија избирачите даваат два гласа: еден за кандидатот, а вториот за партијата. Поради сѐ поголемиот број дополнителни мандати, Бундестагот последните години се зголеми до рекордните 736 пратеници.
Германскиот Уставен суд во повеќе наврати ја критикуваше практиката за дополнителни мандати и од властите бараше промени. Зголемувањето на Бундестагот поради трошоците го критикуваа и здруженијата на даночните обврзници.
Со новиот закон ќе биде можно некој кандидат, и покрај тоа што ќе биде избран во својот изборен округ, да не стане пратеник доколку тој избор не биде потврден и преку гласовите што ги освоила неговата партија.
Опозицијата жестоко го критикуваше новиот закон, кој би можело особено да ја погоди Христијанско-социјалната унија (CSU) која ја претставува демохристијанската опција само во сојузната покраина Баварија и чиишто пратеници во Бундестагот главно влегуваат преку директните мандати, бидејќи нема кандидати во другите покраина каде се кандидира сестринската Христијанско-демократска убија (CDU). Според новиот закон, имено, CSU во големите баварски градови како Минхен или Нирнберг би ги загубила директните мандати.
Сличен е случајот и со партијата Левица (Linke), којашто главно има поддршка во источна Германија и во актуелниот состав на Бундестагот без директни мандати не би била воопшто застапена поради тоа што не го мина изборниот праг од 5 отсто на сојузно ниво.
„Планот на социјалдемократско-зелено-либералната влада директно го доведува прашање егзистенцијата на CSU“, изјави во текот на дискусиите во Бундестагот и лидер на пратеничката група, Алексадер Добринт.
Шефот на пратеничката група на Левица во Бундестагот, Јан Корте, смета дека владејачката Социјалдемократската партија на Германија (SPD) „сака да ја елиминира критиката од левиот спектар“ во парламентот.
Премиерот на Баварија и претседател на CSU, Марку Зедер, пред неколку дена најави тужба пред Уставниот суд во случајот на прифаќање на законот.