Имајќи предвид дека станбеното градежништво во Германија многу заостанува зад целите на владата, министерството за градежништво смета дека би претставувало грешка сега да се наметнуваат построги стандарди за енергетска ефикасност коишто за новите згради бараат подобра изолација.
Клучните показатели, вклучително и податоците за новите градежни дозволи, покажале дека германскиот сектор на градење домови продолжува да слабее. Анкетата на Институтот за економски истражувања (Ifo), објавена во понеделникот, покажала дека сѐ поголем број германски градежници имаат недостиг од нарачки.
„Се подготвува бура. По подолгогоишниот подем, повисоките каматни стапки и драстично зголемените трошоци за градењето буквално ги гушат новите активности“, изјави Клаус Вохлрабе од институтот Ifo.
Недоволното градење се заканува со влошување на веќе хроничниот недостиг од станбен простор ширум Германија. Наемнините и трошоците за домување пораснале, бидејќи побарувачката далеку ја надминала понудата на куќи и санови, особено во градовите.
Германската коалициска влада вети дека ќе изгради најмалку 400.000 нови станови годишно, вклучително и 100.000 социјали станбени единици, но нема да ја исполни таа цел.
„Мислам дека сега не е време за повторно заострување на стандардите (поради енергетската ефикасност“, изјави во интервју за телевизјата RTL во понеделникот Клара Геивиц, шефица во германското Министерство за домување, урбан развој и градежништво.
Според коалицискиот договор, се бараат стандарди за енергетска ефикасност EH-40 за сите нови згради од почетокот на 2025 година.
Портпаролката на надлежното министерство рече дека построгите барања ќе ги зголемат трошоците за градењето. Најави дека министерството кон крајот на септември планира да објави пакет мерки за поттикнување на градењето станови.
Според институтот Ifo, еден од десет градежници на куќи сега пријавува тешкотии при осигурувањето на финансирањето.
„Многу проекти во сегашните услови повеќе не се исплативи за инвеститорите, а приватните градетели, исто така, имаат сѐ поголеми тешкотии во наоѓањето почетно финансирање“, вели Вохлрабе.
Повеќето градежници очекуваат натамошно забавување во текот на претстојните месеци, според споменатото истражување.
„Од една страна, постојните нарачки континуирано се откажуваат, додека од друга, пак, доаѓаат сѐ помалку и помалки нови нарачки“, наведува Вохлрабе.