Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, денеска ја започна дводневната посета на Атина, пишува весникот „Катимерини“.
Се очекува Штајнмаер да се сретне со својот грчки колега Евангелос Венизелос, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.
Пред медиумите германскиот министер го поздрави напредокот на Грција за спроведувањето на неопходните реформи. Тој истакнал дека Грција има уште долг пат до закрепнување од кризата, но истакнал дека Германија ќе продолжи да ја поддржува.
Грција вчера официјално го презеде ротирачкото претседателство на ЕУ. Грчките власти го искористија моментот за да ги заштитат напорите на земјата од закрепнувањето од шестгодишната рецесија и двата спасувачки плана, што ја чинеа над 200 милијарди евра.