Германската влада, која е критикувана од западните сојузници поради колебањето да испорача тешко вооружување за Украина, подготвува план кој ќе овозможи Киев да се снабди со такво оружје од источна Европа, вклучително и со тенкови од Словенија, соопштиле неименувани извори за германската службена новинска агенција DPA.
Германија е петтиот светски извозник на оружје, но традиционално има рестриктивна политика кога станува збор за испораки на оружје во зони на конфликти.
Споменатиот план е одговор на критиките упатени до германскиот канцелар Олаф Шолц, во кои најгласни се Украина и Полска, дека се воздржува да му помогне на Киев во испраќањето тешко офанзивно вооружување.
Иако Берлин во моментов испраќа големи количества оружје и муниција директно во Украина, допрва треба да одобри испорака на тенкови или борбени авиони од Германија, иако украинските војници не се обучени за нивна употреба.
Новиот план за испраќање оружје за Украина ја вклучува и Словенија, партнер во НАТО, рекле изворите на DPA. Словенија, така, би требало на Украина да ѝ испрати „голем број“ од своите тенкови „Т-72“, а Германија за возврат ќе ѝ даде на Љубљана тенкови од моделите „Marder“ и „Fox“ кои имаат тркала.
Германската министерка Кристине Ламбрехт потврди во четвртокот дека Германија ќе ги обучува украинските војници за користење оклопни хаубици. Но тие доаѓаат од Холандија а не од Германија.
„Каде ќе можеме да обезбедиме обука, тоа и ќе го сториме“, рече Ламбрехт.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која во моментов е во посета на земјите на Балтикот, во четвртокот го бранеше канцеларот Шолц во врска со испораките на тешко вооружување за Украина.
„За нас не постојат табуа кога станува збор за оклопни возила и друго оружје коешто ѝ потребно на Украина“, изјави Бербок во Естонија.
Канцеларот Шолц веќе покрена уште еден план за испраќање тешко вооружување во Украина, понудувајќи на Киев да му даде пари директно да го нарача оружјето од германските производители. Но листата на достапно оружје не вклучува тенкови, хеликоптери и тешка артилерија.