Германскиот увоз на електрична енергија го надминува извозот во 2023-та

Во текот на минатата 2023 година, Германија забележа дефицит од 2,29 милијарди евра во меѓународната трговија со електрична енергија, објави во понеделникот весникот Augsburger Allgemeine, цитирајќи податоци од регулаторот.

Лани Германија увезла 54 теравати електрична енергија, во вредност од 5,7 милијарди евра. Извезла, пак, 42 теравати, во вредност од 3,5 милијарди евра. Билансот на трговијата со електрична енергија на тој начин покажа минус, првпат по многу години, наведува весникот.

Увозот покрива 11 отсто од германската потрошувачка во 2023 година и ги намали цените, наведува регулаторната агенција, која забележува дека Германија има доволно производствен капацитет за да ги покрие своите потреби.

„Струјата се увезуваше затоа што беше поевтина во странство“, изјавил портпаролот на регулаторот за Augsburger Allgemeine.

Во март минатата година, Германија ги затвори трите преостанати нуклеарни централи, ставајќи крај на шестдецениската програма. Берлин планира да произведува електрична енергија исклучиво од обновливи извори до 2035 година.