Средбата на политичарите на баварската Христијанско-социјална унија (CSU) помалиот чинител на опозициската демохристијанска Унија со Христијанско-демократската унија (CDU) со американскиот републикански политичар Рон Десантис предизвика бран критики од владејачката коалиција којашто ја сочинуваат левите Социјалдемократска партија на Германија (SPD), Унијата на Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) и либералните Слободни демократи (FDP), пренесуваат медиумите.
Гувернерот на американската сојузна држава Флорида и потенцијален кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во САД во ноември 2024 година, Рон Десантис, е познат како критичар на неолибертаријанската „родова идеологија“ којашто треба да го замени половото определување.
„Ако политиката на Рон Десантис е пример за CSU тогаш можам само да кажам ‘Лека ноќ’. Овој десничарски политичар на Флорида води културна војна против жените и против лезбејките, хомосексуалците и трансродовите лица. Неговите закони се акутна опасност за малцинствата“, изјави комесарот на сојузната влада за квир-политика Свен Леман од Зелените.
Челничката на пратеничката група на социјалдемократите Катја Маст во средбата со Десантис гледа „уште еден чекор“ в десно на германските демохристијани.
„Дали CSU во Десантис нашле пример? Унијата со приближувањето кон овој десничарски политичар покажува како дише“, рече социјалдемократската политичарка.
Поранешниот министер за сообраќај Андреас Шоер, од CSU, на Twitter објави фотографии од патувањето на делегацијата на партијата на Флорида, меѓу другото и од средбата со Десантис. На снимките, освен Шоер, е и потпретседателката на пратеничката група на демохристијанската Унија CDU/CSU, Доротеа Баер.
Шоер во објавата ги „истакна стратешките и надворешнополитичките позиции“ на гувернерот Десанти кои ја „јакнат трансатлантската соработка“.
„Нормално е што демохристијаните ги негуваат контактите со потенцијалниот иден претседател на САД, исто како што канцеларот Олаф Шолц (социјалдемократ) ги негува односите со демократскиот претседател Џо Бајден“, вели Шоер во разговор со T-Online.
Го обвини партиите од левиот спектар дека „напаѓаат пред воопшто да слушнат што беше содржината на разговорите“.
Флорида неодамна воведе закони коишто забрануваат тематизирање на сексуалните ориентации во училиштата. Десантис, притоа, се смета главен конкурент на поранешниот претседател Доналд Трамп за републиканската номинација за републикански претседателски кандидат.