![zeder merc CSU CDU](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/10/Globe-CDU-CSU.webp?resize=696%2C450&ssl=1)
Христијанско-демократската унија CDU/CSU ја потврди на партиската конвенција на Христијанско-социјалната унија (CSU) во саботата во Аугсбург, намерата да ја преземе германската влада по парламентарните избори следната година.
„Ние сме решени да победиме на изборите следната година и ќе формираме влада во која нема да преовладуваат кавгите и јавните препукувања“ рече претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, како гостин на конвенцијата на помалата партија во Унијата, која ги застапува демохристијанските интереси само во сојузната ппокраина Баварија..
Мерц на тој начин алудираше на раздорот во тековната владејачка коалиција на социјалдемократи, зелени и либерали во владата на канцеларот Олаф Шолц.
„Земја чија влада постојано се расправа за нешто не може да го пронајде својот мир“, рече Мерц во Аугсбург и додаде дека следната влада предводена од Унијата CDU/CSU „ќе ја врати довербата на граѓаните во политиката“.
Мерц и претседателот на CSU, Маркус Зедер, постојано нагласуваат дека нема конкуренција меѓу двете партии кога е во прашање раководството на демохристијаните во Германија.
„Најдовме начин за заеднички договор“, рече Мерц, алудирајќи на бројните конфликти, особено околу прашањето за кандидатот за канцелар на Унијата на претходните избори.
Пред неколку седмици беше постигнат договор улогата канцеларски кандидат на демохристијаните на следните парламентарни избори да ја преземе Фридрих Мерц.
CSU ја претставува демохристијанската опција во Баварија, едонстевената покраина во која доминираат католиците, а CDU во остатокот од Германија. На изборите за сојузниот парламент овие две партии се јавуваат како Унија CDU/CSU.
Во тековните анкети на јавното мислење, Унијата CDU/CSU е во водство пред десничарската суверенистичка и европскептична Алтернатива за Германија (AfD) и пред владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD).