Германските хотелиери и угостители не можат да најдат персонал за време на ЕУРО

Германските ресторатери и хотелиери очекуваат рекорден број посетители во текот на Европското фудбалско првенство, но во исто време стравуваат од недостиг на кадар, објавија во четвртокот германските медиуми.

„Речиси е невозможно да се најде персонал на пазарот, ќе мораме да управуваме и да привлекуваме персонал од други гранки преку приватни агенции за посредување на одреден временски период“, вели за јавниот сервис ARD Сами Нофал, менаџер на „Heiner’s Parkhotel“ во западногерманскиот град Гелзенкирхен, каде меѓу другото своите натпревари ќе ги играат селекциите на Србија и Англија.

Во склоп на хотелот има и голема тераса на која ќе се организира јавно гледање на натпреварите на Европското првенство, кои ќе се одржат од 14 јуни до 14 јули во Германија.

„Персоналот ‘позајмен’ за време на Европското првенство нѐ чини значително повеќе, но немаме излез“, вели Нофал.

Никој не сака да работи за минималец

Ресторатерите низ Германија имаат потешкотии да најдат нов персонал пред Европското првенство во нивната земја, кој делумно ја напушти индустријата за време на пандемијата на коронавирусот.

Синдикатите на вработени во хотелиерството и угостителството NGG, веруваат дека работниците му го свртеле грбот на угостителството и во голема мера не се вратиле во секторот по пандемијата поради традиционално ниските саатници.

„Ова, како што покажа анкетата меѓу нашите членови, е главната причина поради која вработените му вртат грб на гостопримството“, соопштија од NGG.

По правило, рестораните им плаќаат на своите вработени околу 13 евра за час на келнерите.

Бегалците неспособни за работа во угостителството?

Угостителските здруженија причината за кадровските проблеми првенствено ја гледаат во „академизацијата“ на општеството и демографските промени.

Критичарите на социјалната политика на актуелната влада посочуваат дека е тешко да се добијат милиони бегалци кои пристигнаа во Германија од 2015 година на овие работни места, бидејќи по правило социјалните бенефиции се поголеми од заработувачката во угостителството. Покрај тоа, по правило, бегалците и барателите на азил не зборуваат доволно добро германски јазик за да работат директно со клиентите.

И покрај проблемите со персоналот, хотелиерите очекуваат позитивен биланс на претстојното Европско првенство во Германија и слични поволни ефекти, како за време на одржувањето на Светското пренство одржано 2006 година во Германија.

„Дури и ако сите хотели и угостителски објекти не го зголемат прометот директно поради ЕУРО, не треба да се потцени позитивната атмосфера и плусот за Германија како туристичка дестинација“, вели Ингрид Хартгес, директорка на кровното здружение на угостители и хотелиери Dehoga.

Двојно поскапо сместување

И додека хотелите досега не евидентирале експлозија на резервации во деновите кога се играат натпреварите во градовите каде што се наоѓаат, платформата Airbnb бележи двојно поголем број резервации во споредба со истиот период минатата година, и покрај тоа што сопствениците на сместувачките капацитети имаат драстично зголемени цени.

Така, за наједноставен стан во просек треба да се потрошат околу 180 евра за ноќ, додека собите во просек чинат околу 90 евра. Најмногу странски гости доаѓаат од Велика Британија. Во одморалиштето Марк Бранденбург во малото гратче Нојрупин, во близина на Берлин, на пример, цената на една соба за време на првенството е околу 300 евра за ноќевање.