Германските инвеститори во Македонија се најмногу задоволни од вработените, а најмалку од корупцијата и правната несигурност

Во 2022 година дури 70 отсто од германските инветитори во државава, повторно би инвестирале, а 30 отсто би се одлучиле за друга локација. Тоа го покажале резултатите од 17. анкета за деловната клима во Северна Македонија 2021/2022 спроведена помеѓу компании- членови на Македонско-Германското стопанско здружение, кои беа презентирани на денешната прес конференција.

Резултатите ги презентираа Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на УО на Македонско-Германското стопанско здружение и Ото Граф, Заменик амбасадор на Сојузна Република Германија, соопштија од Делегацијата.

Во 2021 година стопанството се уште ги чувствуваше последиците од ковид пандемијата, но и покрај оваа состојба трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија забележаа рекордна година.
Во 2021 година од земјава во Германија се извезени добра во вредност од 3.474 милијарди евра, а увозот од Германија беше 1,244 милијарди евра. Вкупната трговска размена изнесува 4.719 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 за 907 милиони евра.

Во истражување на прашањата поврзани со оценката на локалните улови, испитаниците се задоволни од трошоците за придонеси, продуктивноста и подготвеноста за работа на персоналот.
Компаниите со најслаба оценка ја оценија борбата против корупција и криминалот. Но сметаат дека треба да има подобрување и во правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, како и поголема транспарентност при јавните набавки.
Даночниот систем, даночните отпретување и наплатата на побарувања се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години.
Најзадоволни се од своите вработени, со највисока оценка се оценува продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените.

Војната во Украина остава последици и врз стопанството. Во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании, дури 96,4 отсто одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали. 64,3 отсто очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46, 4 отсто веќе имаат недостиг на материјали за производство. 28,6 отсто очекуваат да дојде до прекин на производството и исто толку испитаници очекуваат пад во нарачките. 25 отсто очекуваат да дојде до нарушување на трговската размена, а само 14,7 отсто мислат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери. 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто рекле дека тоа ќе се случи дури во 2023 година.

Според Мартенс: „70 отсто од испитаниците се задоволни од состојбите во сопствената компанија и повторно би инвестирале во земјата. Оваа година тоа го видовме кај повеќе компании, тие го проширија своето производство и го зголемија бројот на вработени, што претставува одличен показател, а и трговската размена бележи рекордна година, за 6 години се има двојно зголемено. Во Северна Македонија работат 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 лица, што игра важна улога на пазарот на трудот“.